[АЛ]ХЕМИЈА

Некои девојки се благословени со гени кои соработуваат кога станува збор за порцеланска кожа. Останатите сме во постојана потрага по еликсири кои магично ќе направат порите, црвенилото, дамките и сите други „несовршености“ да ги снема еднаш и засекогаш. Мериме капки и комбинираме креми и серуми зависно од нивните клучни состојки. Секое утро и секоја вечер изведуваме мали симболични чинови на модерна алхемија. И тоа во неколку внимателно подредени чекори.

Штом заврши ритуалот и излеземе од тој мистичен меур, нѐ заплиснува реалноста. Тука е разочараноста од заклучокот дека повторно сме инвестирале во производ кој не прави апсолутно ништо за нашата кожа. Купчето од шишенца и туби насобрано околу тоалетното огледало како последица на сопственото експериментирање е добро позната глетка. Во конзумерскиот универзум од кој нема бегање, нѐ чека вртоглаво огромен и збунувачки избор на производи. Во виртуелниот, пак, се настојува да ни влијаат со површни, филтрирани препораки кои звучат добро, но се неверодостојни и нема никаква гаранција за нив.

Пронаоѓањето на производ кој всушност функционира знае да биде долго, скапо и не секогаш забавно патешествие на кое секоја од нас мора да оди сама. Понекогаш се чини и како игра на среќа која може да резултира со погодок еднаков на џекпот, но и со тотално промашување.

Во ЛИФТ важи и се применува општото правило дека помалку е повеќе – како со мода, така и со негување. Исто така, во ЛИФТ многу добро знаеме колку е индивидуална оваа авантура. Ги споделуваме нашите искуства и рутини на нега сведени на пет етапи и силно нагласуваме дека не сме никакви експерти во оваа област, туку само две обични девојки кои имаат собрано некој совет тука и таму од луѓе кои знаат што зборуваат без тоа да се однесува само на нивната кожа.

СРЕДСТВО ЗА ЧИСТЕЊЕ

Ј

О тешкото! Со оваа тематика се мачам премногу. Поминувам часови во истражување пред да купам нешто и сѐ уште не сум до никаде. Ниеден производ до сега ми се нема погодено, без разлика дали е француски, корејски или од друга планета. Едноставно, мојата кожа ја пресушува секое средство со кое ќе ја измијам, колку и да е „нежно“. Потоа, морам да компензирам со други производи за да стигнам до некое ниво на хидратација. Лаички би заклучила дека најголемиот дел од средствата за чистење не можат да си ја завршат работата без притоа да исушат одреден тип кожи. Тврдењата на пакувањето се само празни зборови напишани од маркетинг тимовите и ние намачените со осетливи и реактивни кожи треба да се навикнеме дека наоѓањето добар производ за чистење е речиси невозможно.

В

Процесот на откривање на оваа непозната во неколку наврати ме има доведено на раб на очај. Ниту еден друг тип на производ не ми ја има така „средено“ кожата како што тоа го направиле пар гелови за миење. Постојано испробував наводно нежни средства, а во 2-3 наврати добив ужасно црвенило кое, за среќа, го снема релативно брзо. Пред околу две години, ја пробав пената за миење на Dr. Barbara Sturm и со неа останав. Не ми ја суши, ниту иритира кожата, не е парфимирана, и ептен се надевам дека тоа е тоа – долгорочно решение.

ЕКСФОЛИЈАЦИЈА

Ј

Од пилинзи, само хемиски, затоа што процесот на физичко гребење на кожата со микрогранули ми создава тон анксиозност. Моментално сум на 10% гликолна киселина на Typology, 2-3 пати неделно. Во теорија, овој производ би требало да работи на измазнување на текстурата на кожата. Во пракса, немам претстава дали навистина функционира и не знам како би увидела со оглед на тоа што си ја гледам кожата секој ден и не ми делува нешто многу различно. Впрочем, најголемиот дел од производите што сум ги користела до сега се такви. Си ги шлапкам очекувајќи да се разбудам еден ден со мазно лице без флеки и текстура, но еве, уште чекам.

В

Порано повремено користев пилинзи кои едноставно си ја вршеа работата. Од пилинзи и маски, омилени ми се оние на база на глина. Сега претпочитам хемиска ексфолијација. Користам тоник на Youth to the People со 11% AHA киселина кој го нанесувам секоја втора или трета вечер и ми се чини мек и ефикасен. Би пробала и нешто поконцентрирано понатаму чисто за да споредам. Општо, имам внатрешен конфликт околу нанесување на триста различни хемии на лицето, како истовремено во склоп на рутината, така и последователно кога ќе ми се потроши продуктот. Затоа и секојдневната нега ми е сведена на минимум во однос на производи, а кога ќе најдам производ што ми е океј, не се брзам со испробување нови формули и брендови за истата намена.

СЕРУМ

Ј

Единствениот серум што направил нешто за мене е Centella Unscented серумот на PURITO. Му го простувам дури и тоа што има натриум хијалуронат во него. На почетокот на пандемијата неколку месеци се мачев со една-две огромни акни на вратот околу циклусот и откако почнав да го користам овој серум, полека се повлекоа. Оттогаш е дел од мојата рутина без разлика на сѐ друго. На страна од него, сѐ уште трагам и по добар ретинол и добар витамин Ц, затоа што опциите на The Ordinary воопшто не ме импресионираат. Ако имате препораки, слушам.

В

Религиозно користам ниацинамид на The Ordinary по миење на лицето наутро затоа што ми го дава сјајот што го сакам и ме спасува од оној што не го сакам на критичната Т-зона. Исто така, фино ми ја спрема кожата за SPF крема.

КРЕМА / МАСЛО ЗА ЛИЦЕ

Ј

Уште една многу проблематична категорија за мене. Кога ќе размислам подобро, козметиката општо е проблематична категорија за мене. Не знам дали проблемот е во моите големи очекувања, или ја имам таа „среќа“ да го поседувам најчудниот тип на кожа на сите времиња, но многу се мачам со изборот на производи и уште повеќе со недостатокот на ефекти од нив. Лесно е да се тврди дека некој производ е добар кога се нанесува на нормална кожа без проблеми. Тешко е кога истиот тој производ всушност не прави ништо за ненормалните кожи. Да се вратам на темата, маслата ми создаваат нелагодност затоа што неколку експерименти со нив ми имаат завршено со избезумено лице и навлаки за перници. Од кремите, пак, очекувам хидратација, потсмирување на сувите делови, недостаток од иритирачки мириси и лесна текстура за да можам да нанесам и заштитен фактор без да се осеќам покриено во слоеви. Потрагата продолжува.

В

Ова е секторот во кој со задоволство истражувам, особено низ спектарот на масла за лице. Не знам зошто ми требаше толку многу време за да посегнам по масло, но сега ги обожавам и е течноста на тие козметички полици што најлесно може да ме фрли во искушение. Периодов користам нешто што се вика Honey Grail на Farmacy и е токму тоа. Ептен е богато и тешко кога се нанесува; како буквално да го хранам лицето со мед. Од друга страна, се апсорбира брзо. Освен ова масло, користам и фин коктел од витамин Ц, сквалан и масло од роза на Biossance.

ЗАШТИТЕН ФАКТОР

Ј

Ова е чекорот во кој верувам најмногу и за мене е вредна инвестиција на долги стази. Крема со заштитен фактор 50-ка е нешто што е дел од мојата рутина и да врне и да вее и да сум цел ден внатре во четири ѕидови. Најмногу им верувам на француските La-Roche Posay и сега за сега останувам на нив.

В

И јас користам заштитен фактор 50 и ништо помалку не е опција, како за доволна заштита, така и за ментален мир кога живееш под јако сонце 11 од 12 месеци во годината. Страв ми е да помислам како би била по прашање на пигментација да не користев SPF крема со одговорноста и посветеноста со којашто користам.

УШТЕ НЕШТО

Во ЛИФТ знаеме дека експериментирањето со козметика станува пофино со добра музика во позадина. Пуштете си ја листава сега за глатка, негувачка рутина и одвнатре и однадвор!