BARRAGÁN

CASA LUIS BARRAGÁN

Мириса на… дрвен мебел и L’Inderdit на Givenchy
Звучи како… LIFT004
На забава таму би носела… Schiaparelli Fall 2020 Couture изглед 15 или Schiaparelli Spring 2021 RTW изглед 23
Би пиела… карахиљо
Би ја разгледувала повторно со… Луис Бараган

Нe знам точно со какви чувства и очекувања резервирав посета на Casa Luis Barragán во 5 до 12, по речиси шест месеци самоизолација. Мала победа оваа година ми е тоа што лесно и непосредно добив термин во куќата-музеј каде обично се резервира неколку недели однапред. Огромна победа ми е успехот да ги напикам анксиозноста и стравот во мала црна ташна и да отидам на патување.

Луис Бараган одамна не е во Casa Luis Barragán. Или, можеби е? Куќата му била дом и студио на архитектот до крајот на неговиот живот во 1988 година. Оттогаш, освен редовното одржување и свежото цвеќе во вазните, речиси сѐ е како што оставил.

Луис Бараган одамна не е во Casa Luis Barragán. Или, можеби е?

Бараган почнал да работи на овој објект во периодот кога бил зафатен и со изградбата на една од најелитните населби за живеење во Мексико Сити, Хардинес дел Педрегал, каде бил и сопственик на неколку плацови. Сепак, за себе го избрал Такубаја, мирно маало населено со мексиканска работничка класа. Куќата е толку фино камуфлирана со околните обични фасади, што без Google Maps при рака, веројатноста да се одмине е еднаква на неверувањето дека тука живеел добитник на Pritzker. Бараган уживал углед на интелектуалец чија скромност е правопропорционална на популарноста. Исто така, покрај тоа што бил релативно посветен католик, религиозно го практикувал и функционализмот на свој начин и ги почитувал урбаните вредности на околината.

Во бетонското здание се крие мал лавиринт од скали и соби кој цели кон излез на фантастична покрив-тераса, затворена со високи ѕидови во портокалова и розова боја, со поглед само кон небо. Би рекла дека е идеалното место за медитација и за симболична потрага по спиритуалност, но и кратка лекција по умешноста на комбинирање бои.

Симпатичен одговор на спектакуларната тераса е скриеното пацио на приземјето во кое е сместен мал декоративен базен чија единствена намена е да рефлектира танцувачка светлина околу пладне.

Едноставниот ентериер, густата градина во која си практично невидлив и еден куп други детали во куќата упатуваат на тоа дека зад звучното име стоел човек во постојана потрага по интима и анонимност. Фигурите од коњи, пак, кои ги има буквално во секоја соба, не кријат непријатели, туку ја откриваат неговата љубов кон природата и потребата за бегство на семејниот ранч во Гвадалахара за да јава и поминува време сам. Имагинацијата во ЛИФТ неизбежно работи, па можно сценарио е дека ги кријат клучевите од плакарите кои стојат заклучени, а во кои се уредно складирани сите уметнички дела од вредност што ги поседувал.

Би ја разгледувала куќата повторно со него и само со него. Сакам да знам од каде се сите тие фигури, кој го учел да јава, а кој да проектира, кој проект му е омилено дете, за што размислува додека седи под сонцето на таа прекрасна тераса и кој му е омилен архитект. Би можела да слушам што и да сака да ми раскаже, затоа што мислам дека тоа би било еден многу интересен, поетичен и ненадмен монолог. Исто како неговата архитектура, исто како неговиот дом.