БОЖЕСТВЕН СТИМУЛИФТ

Би сакале да кажеме дека приказните на ЛИФТ се создаваат во еден здив. Би ни било фино кога би ги завршувале работите за два-три часа и без премногу преписки. Дефинитивно не би ни пречело кога би можеле да ја создаваме сета визуелна содржина која ја споделуваме во три-четири дена. Меѓутоа, реалноста е далеку поразлична. И, ако таа реалност беше различна во март 2020, сега е свртена наопаку, па пуштена низ лавиринт, а од него сѐ уште нема излез.

Ако имањето постојана мотивација за креативно дејствување е вообичаен предизвик, особено во земјава, сега не е само предизвик, туку длабока тортура. Фрустрација, одложување, само-саботажа, меланхолија и стална потрага по поента се работите кои си дремат во предворјето на трагикомедијата позната како творење. Не сакаме ни да зборуваме за сето она што лежи внатре.

Во обид да му пркосиме на творечкиот пекол низ кој поминуваме веќе година дена, а кој сигурно го делиме со сите кои се занимаваат со некоја од уметностите, решивме да создадеме систем за стимулација на креативниот мускул. Според тој систем, секоја сабота, без разлика што и да се случува во нашите животи, ќе одвоиме време да создадеме фотографии на одредена модно-естетска тема кои ќе служат како имагинарни стимулации. И на шестиот ден, би Стимулифт.

Стимулифт е ментална гимнастика која го раздвижува умот и ја одржува имагинацијата во добра кондиција. Стимулифт е експеримент кој обожаваме да го повторуваме и кој секојпат покажува дека креативноста мора да бои надвор од линиите, без разлика на околностите. Стимулифт е и решение за девет одбрани проблеми од деветте кругови на гореспоменатиот творечки пекол кои продолжуваат да нѐ измачуваат. Спремни за возење низ нив?

Но, ти, што ќе го стапнеш овој праг — ЗАСЕКОГАШ ОТКАЖИ СЕ ОД НАДЕЖ!

I КРУГ: МОНОТОНИЈА


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Бои! И тоа не било кои, туку кармини во смели нијанси кои го обојуваат и наједноличното секојдневние.

II КРУГ: ТВОРЕЧКИ СТЕГИ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Непослушни ремени кои ја „олабавуваат“ напнатоста.

III КРУГ: ЕДНОЛИЧНОСТ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Нови, ексцентрични ликови со возбудливи карактери формирани од накит, цвеќе и други (не)секојдневни компоненти.

IV КРУГ: ЗАСТОЈ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Марш на безобразно добри штикли кои не ги држи место во плакарот.

V КРУГ: ЕМОЦИОНАЛНА НЕСТАБИЛНОСТ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Постигнување (естетска) рамнотежа користејќи модни додатоци, уреди за работа, обични предмети, малку хемија и многу физика.

VI КРУГ: СТАТИЧНОСТ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Потрага по динамичност, необичност и настраност инспирирана од едноминутните скулптури на Ервин Вурм.

VII КРУГ: ЦРНИ МИСЛИ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Бели кошули.

VIII КРУГ: НЕИЗВЕСНОСТ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Замаглени визии од некоја поинаква, поубава реалност.

IX КРУГ: РАНЛИВОСТ


СТИМУЛИФТ CONTRAPASSO
Оклоп од тежок метален накит кој ја заокружува идејата дека ѓаволот е во деталите.