ЦВЕЌЕ ЗА МИРИСАЊЕ

Најубавите работи во животот се гратис, а цвеќето е и тоа како убав, сензуален подарок од природата кој поседува исклучителна визуелна моќ.

Колку што е стара уметноста, толку е стар и култот на обожување цвеќе кое како мотив се проткајува во секоја нејзина форма. И не запира таму. На уметнички слики, по ѕидови, на керамика, на фустани, во коса, на мебел, во раскошни градини или како купче од латици и задоволство во вазна – цвеќе има насекаде. Заведува и кога вибрира со силна боја и кога гали со пастелни тонови. А на вака силна заводливост која освен што предобро изгледа, често и опојно мириса, навистина ретко кој може да одолее.

ЗАСТАНИ МАЛКУ ТУКА

Притисни „Play“ и дополни го ова искуство со звукот на цвеќето од листата која ја склопивме за нашите омилени локални цветни уметници Цветна Фабрика.

СЕГА МОЖЕШ ДА ПРОДОЛЖИШ

До каде стигнавме? А да, до заводливоста на цвеќето. Особено умешни во флертувањето со оваа вечна инспирација се модните мајстори. Издвојуваме 9 важни моменти во модата каде цвеќето го добива сето внимание кое го заслужува.

ХАЛСТОН И ОРХИДЕИТЕ


Љубовта која американскиот дизајнер Халстон ја чувствувал за орхидеите повеќе наликува на опасна опсесија отколку обична наклонетост кон сензуалната билка. За Халстон, орхидеите биле креативното гориво за создавањето на модата која го има запечатено како една од најважните модни фигури на сите времиња. Дизајнерот бил постојано опкружен со орхидеи дома, на работа и насекаде, па не е ни чудо што трошел по 100 илјади долари годишно само на нив. Ако ова не е гламур, не знаеме што е. Многу би сакале да можеше овој ЛИФТ да патува низ времето и да нѐ однесе до ерата на Халстон за да си поседиме во неговата епска работна средина исполнета со огледала и орхидеи. Додека сме таму, не би ни пречела и една забава во Студио 54 со него и Елза Перети.

НИК НАЈТ И РОЗИТЕ


Паралелно со создавањето на high-tech модна магија и куп модни соработки кои еднаш видени не излегуваат од глава, Најт со години наназад негува нераскинлива фотографска врска со цвеќето, особено со розите. Од истата врска се има родено „Roses from My Garden“ серијата фотографии направени со iPhone кои Најт почнува да ги објавува на Инстаграм, а кои подоцна добиваат и изложба. Розите доаѓаат директно од неговата градина, а ги фотографира во вид на растурени аранжмани на дневна светлина за да се долови нивната деликатност и шармот на несовршеното.

МРАЧНАТА ЦВЕТНА АФЕРА НА МЕККВИН


Смртта и мрачната страна на природата владеат во фантастичниот свет на Александар Мекквин. Неговата модна фантазија изобилува со черепи, црни пердуви, по некој пар сатански рогови и силуети кои дефинитивно припаѓаат во подземјето. Но, изобилува и со ситни бубачки, пеперутки и многу цвеќе. Кулминација на привлечноста кон последното е можеби фустанот од рози кој ја затвора модната ревија за колекцијата Sarabande за пролет 2007. И дома, но и на чело на Givenchy, Мекквин ѝ се спротиставува на темнината со убавината и романтичноста на цвеќето и меланхолијата која ја предизвикува неговиот краток животен век.

РАФ СИМОНС ВО ДИОР


За Кристијан Диор, „цвеќето, по жените, е најпрекрасното нешто што Бог му го подарил на овој свет“. Амин! Ова негово верување е еден од креативните столбови на куќата, а со своето доаѓање во неа, Раф му дава нова форма, но и уште поцврста подлога. Неговите строги кроеви и остри силуети украсени со ситни цветни мотиви се мек поетичен минимализам и цветна приказна за себе.

ЦВЕТНАТА НЕВЕСТА НА ИВ САН ЛОРАН


Вљубен во возвишеноста на цвеќето бил и Ив Сан Лоран. Таа љубов е изјавена на скоро секоја негова ревија за висока мода и има форма на раскошен цветен лак поставен на влезот на модната писта. Ив е особено јасен и гласен за овие чувства во 1999 година кога низ таков лак ја пушта сопствената муза, Летиција Каста, во невестинско цветно бикини. Ако љубовниот транс на Мекквин е преточен во деликатен фустан, кај Сан Лоран се манифестира во полугола божица излезена од рајска градина во која вечно цветаат рози.

„ПОРЦВЕТИТЕ“ НА ИРВИНГ ПЕН


Фасцинацијата со флора на Ирвинг Пен, еден од најважните фотографи на 20-иот век, почнува во 1967 година кога креативниот директор Александар Либермен го најмува да фотографира мртви природи со цвеќе за декемвриското издание на американскиот „Вог“. Зачудувачките фотографии кои Пен ги доставува немаат никаква врска со вообичаеното прикажување на цвеќе во бомбониера фазон. Наместо тоа, Пен сервира портрети од цвеќиња кои изобилуваат со форми, текстури и бои и кои ги нагласуваат карактерот и модниот стил на секое од растенијата. Првата серија била толку успешна, што се повторила уште 7 пати, била собрана во книга и кулминирала во изложба. Ирвинг продолжил да ја истражува цветната тематика низ објективите до крајот на неговиот живот во 2009 година.

ОБЛЕКАТА НА МАГДА БУТРУМ


Магда Бутрум е полското цвеќе на тековната мода. Ако нешто научивме од неа, тоа е дека цветното може да биде и многу, многу секси. Од суптилни органски карнери на кожни парчиња и мали ружи кои висат на чокери, до костими за капење и фустани со масивни, драпирани цветови, нејзините колекции се полни со расцутени лајтмотиви кои продолжуваат да доминираат насекаде.

ЦВЕТНИТЕ ПРИНТОВИ НА ДРИС


За есенската колекција за 2019 година, Дрис Ван Нотен имал желба да користи цветни дезени, но притоа да ги избегне традиционалните слатки и романтични моменти и да ја долови чудната, несовршена страна на цветната убавина. За да ги создаде материјалите, Дрис и неговиот тим фотографирале цвеќиња од неговата градина во близина на Антверпен на светло-сина позадина, кои потоа биле испечатени на свили и шифони. Резултатот се живописни, флуидни парчиња облека со сликарски квалитет.

ВИСОКАТА МОДА НА СКЈАПАРЕЛИ ЗА ЕСЕН 2021


Најсвежиот примерок на цветна доминација ни го сервира куќата Скјапарели под водство на Даниел Роузбери во колекцијата за висока мода за есен 2021. Даниел дефинитивно не е познат по неговата суптилност, па во оваа колекција нè обземаат масивни цветови на градите кои како да го поздравуваат легендарниот конусен прслук на Жан Пол Готје. Тука е и доминантниот огромен вез од розеви ружи, како и масивните цветни наочари и исто толку големите цветни копчиња поставени на структуриран кожен фустан од соништата. Но, моментите кои навистина оставаат без здив, доаѓаат во облик на два црни ансамбли, првиот многу мини и многу проѕирен фустан, придржан од огромна златна ружа поставена на клучната коска, а вториот многу макси и многу непровиден комплет од сукња и наметка, дополнет со златни цветови во улога на корсет.

САКАШ УШТЕ МАЛКУ ЦВЕТНА МАГИЈА?

Ги одбравме најубавите цветни парчиња за тебе.

Markov

Eklektika

Mihano Momosa

Stella McCartney

Zimmermann

Saint Laurent

Patrizia Pepe

Lisca