ДАРЈА НЕБЕСКА

Од време на време, животот прави магија и сместува одредена личност таму каде што совршено припаѓа. Пример за тоа е Дарја Ризова. Кратко после раѓањето го има првото појавување пред камера, а многу моменти од детството ги поминува во бифето на Македонскиот народен театар, институцијата која денес е нејзиниот актерски дом.

Уникатната поставеност на ѕвездите тој петок 13-ти кога се родила Дарја несомнено влијаела на создавањето на натприродната дарба која пецка како јак електрицитет. Тој талент кој одново воодушевува, дополнет со лик од кој многу тешко се трга поглед, создава раскошно актерско резиме веќе години наназад.

Дарја е Електра. И Дездемона. И Нина Михајловна Заречна. И Реја. Но, и принцеза Џазмин. Дарја е девојка која одговара интервју со пенкало во рака и тефтер на маса. Дарја е олицетворение на таинственоста и покрај јавната професија. Секој нејзин гест изгледа како уметност без разлика дали повлекува ролка преку лице, или енергично замавнува со косата.

Едноставно, Дарја е посебна.

Како на сцена, така и во ЛИФТ, не се штеди и не нѐ штеди. Нѐ бомбардира со чувства и искреност, а ние само се надеваме дека ќе се заглавиме со неа и дека волшепството ќе потрае.

Q

Што ти помага да се справиш со овие чудни времиња? Ти недостига ли театарот?

A

Се трудам пред сѐ да го негувам својот дух, да го зачувам здравиот разум, да бидам одговорна спрема себе и другите, да не дозволам стравот да ме совлада и да бидам трпелива во надеж дека лудилово ќе заврши. Почнувам да уживам во некои секојдневни, едноставни детали, кои најчесто ги забораваме.

Театарот ми недостига бескрајно.

Веќе со месеци сама си ги повторувам текстовите, пуштам музика која ме поврзува со претставите и со ликовите кои ги играм, музика која во мене буди бура од емоции. Адреналинот знае да отиде до даска. И потоа, настапува тишината која ме скротува. Од целиот хаос сакам да се осамам и на тој начин го наоѓам својот мир. Верувам дека ова време-невреме ќе помине и ние пак ќе можеме да се љубиме, гушкаме, допираме, да се собираме, да играме и да правиме театар. Знам дека сум го одбрала вистинскиот пат. Потрагата по мојата слобода.

„Кога мислам на својот позив, на мојата професија, јас не се плашам од животот“. – Нина Заречна, „Галеб“, А.П. Чехов

Q

Како е да се биде дел од МНТ и да се игра со најголемите имиња од нашата театарска сцена?

A

МНТ е мојата матична куќа. Имав среќа што станав дел од овој театар. Ми донесе сигурност, но пред сѐ, голема одговорност. Од самиот почеток бев опкружена со големи имиња од театарската сцена, а како млада глумица бев полна со ентузијазам, но, исто така и со голем страв. Кога се соочив со тие големи глумци со кои сум сонувала да играм, всушност видов дека тие стојат пред мене исто така соголени, со истиот страв кој и јас го имам, со истите прашања и дилеми кои јас си ги поставувам, со истата љубов, трема, стрес, радост, кои играат до крај и ја бранат приказната во која веруваме. Тоа го почитувам кај моите колеги, што и покрај својот успех остануваат скромни, стојат цврсто на земја и не ја губат вербата. Имам среќа што тие колеги ми се многу драги пријатели со кои можам сѐ да споделам. Тие неколку екипи и процеси што ми се имаат случено, направија да се препознаеме на сцена. Дури и кога не се гледаме често како сега, знам дека таа врска е многу силна.

Q

Раскажи ни за деновите на ФДУ. Знаеме дека имаш посебна почит за професорот Кирил Ристоски. Што имаш научено од него?

A

Заокружување на еден еден четиригодишен период на истражување, самозапознавање, многу откажувања, созревање коешто и понатаму продолжува. Дипломирав во класата на професорите Кирил Ристоски и Зоја Бузалковска. Мојот професор… научив многу од него. Дека, пред сѐ, треба да се биде добар човек. Никогаш не можеш сам. Ти треба партнер. За довербата во партнерот, взаемното слушање и дека публиката ќе ти поверува само ако твојот партнер ти поверува. За тоа колку е важно да се осамиш, за емпатијата, за мечтањето, самокритичноста, емотивното паметење и емотивниот полнеж, за очите кои говорат. Дека актерството не е само професија, туку и начин на живот. „И како солзата да е грутка во грло“. – што би рекол мојот професор Кире. За дисциплината и професионалноста, дека секогаш треба да се копа и да се оди до крај, за љубовта кон нашата професија, да ја живееш оваа професија како прашање на живот или смрт. Како што тој ја живееше и како што тој си замина – до крај!

Додека го пишувам ова интервју, стигна вест дека замина нашиот Данчо Чеврески. Актер, професор, декан кој бескрајно ги сакаше своите студенти како свои деца, човек кој силно нѐ поддржуваше и веруваше во нас. Засекогаш ќе остави неизбришлив траг во моето срце.

Ќе те спомнувам низ животов и никогаш нема да те заборавам. Нека ти е светол патот и вечна слава, декане наш.

Q

Крајно дистописки, годинава ти почна со гостување во Пекинг, каде ја играше претставата „Галеб“. Како ти делува тоа патување од оваа перспектива? Долови ни, како е да се глуми претстава на македонски јазик пред странска публика на почетокот на пандемијата која го промени светот?

A

Од денешна перспектива, кај мене сѐ уште постојат измешани чувства. Не можам да ја заборавам својата, како и возбудата на целата екипа за можноста да се претстави едно дело како „Галеб“ од Чехов во Кина, земја на огромни различности, со вековна традиција. Во Пекинг, на само петнаесет минути од „Забранетиот град“, каде што Бертолучи го снимал „Последниот кинески цар“.

Не го почуствував уморот од патувањето кое траеше цело деноноќие. Спиевме само три часа, бевме подготвени да го почуствуваме смогот на Пекинг. Прва грешка – Пекинг денес воопшто не е загаден град. Бев импресионирана од чистотата на улиците, широчината на булеварите, неверојатниот спој на старата и модерната архитектура. Ме восхити дисциплината, кроткоста и трпението на луѓето. Погледот на Кинескиот ѕид, поглед во далечината кој ми донесе чудна смиреност, чувство дека небото и земјата се спојуваат, а јас сум тука помеѓу.

Дојде и денот на претставата. Огромен театар. Отворам очи, се соочувам со маса на луѓе под маски. Неверојатно. Тука почна магијата. Буквално можеше да се слушне мува ако прелета. Публиката дишеше со сите нас на сцена. Аплаузи. И покрај огромниот страв кој висеше во воздухот, јазичната бариера, бевме пресреќни што успеавме да ги отргнеме во тие два часа од суровата реалност што им се случуваше, а веќе скоро една година ни се случува и нам. Благодарна сум што имавме можност да бидеме амбасадори на нашиот театар и да ја воодушевиме кинеската публика.

Q

Додека сегашноста е во мирување, да се вратиме малку наназад, во времето на „Електра“. За твојата интерпретација на оваа комплексна улога, во режија на Андриј Жолдак, ги собра сите можни регионални награди, вклучувајќи ја и наградата за најдобар млад актер „Рејхан Демирџиќ“ на Интернационалниот фестивал МЕСС во Сараево. Од каде ја извлече твојата „Електра“ и што откри за себеси во процесот?

A

Жолдак би рекол дека глумците се како лавови, тигри, кои треба да се нахранат со свежа, здрава храна, месо. Не смее да им се дава расипана храна – тогаш глумците се разболуваат. Кога публиката доаѓа и ги гледа глумците полумртви, без ритам, без пламен во очите, без енергија, тогаш не се случува контактот меѓу претставата и публиката. Публиката само го чувствува мирисот, трулежот од гнилото, расипано месо.

Токму тоа здраво месо беше „Електра“. Процесот и претставата „Електра“ засекогаш ќе имаат посебно место во моето срце. Андриј Жолдак е човек и режисер кој со својот начин на комуникација остава многу силен впечаток. Неговиот дух, неговата посветеност, создавањето на театарската магија, го прават навистина посебен. Тој е и ангел и демон во исто време. Систем Станиславски, Мејерхолд, симфониските партитури на Бах, Вагнер, естетиката на Тарковски, Бергман, Антониони, сликарските потези на Пикасо, Вермер, Гоја, му се инспирација за правење театарска уметност. Голема емотивна, физичка и духовна сила на целата екипа на претставата, од актери, техника, сите сектори со полн капацитет беа потребни за да се случи „Електра“.

Покажавме ризичен, опасен, отворен театар, за новите генерации. Претстава која ти го згрутчува срцето, го сече. На крајот победува злото за да дојде среќата. Нема опуштање во оваа претстава, има напрегнатост и потрага по одговорите за самите нас. Претстава која ги доловува најискрените импулси на човекот, неговите темни страни, неговите внатрешни пориви, неговите демони и до каде сѐ е спремен човекот да оди. Колку е тенка линијата помеѓу љубовта и омразата. За насилството кое е присутно во секој човек, за конфликтот помеѓу агресијата и нежноста, за чувствата кои го сочинуваат човекот. Колку длабоко е скриена суровоста во човекот, во неговата потствест? Темите се многу комплексни – губење на верба, совест, гревови, злоставување, потреба од чиста љубов, искушение, борба против себе, одмазда, невиност, осаменост, загуба, болка. Како да му го одземеш животот на тој што те родил? Како да ја убиеш својата мајка, да се одмаздиш зошто мама го убила тато?! Како? Постојаната хамлетовска дилема, да се биде или не? И ако Бог не постои, што понатаму?

Сакам да се ​бавам со теми на кои не постои конечен одговор. Тоа е голема привилегија. Иако имавме материјал од седум часа, на крај претставата траеше четири часа. Секоја проба беше премиера. Жолдак беше мое трето око. Целиот процес беше борба помеѓу тигар и дресер. Жолдак во мене предизвика и поттикна да откријам свои скриени страни, едно големо ослободување, мој крик кој тлеел длабоко во мене, кој не сум знаела како да го разбудам. Имавме интензивен однос. Kога те нервира, ужасно те нервира, а кога го сакаш, претерано го сакаш. Глумците имаат способност да бидат сѐ. Ги имаме сите мракови, сите светлини, сите сме подеднакво добри и подеднакво злобни, цел дијапазон од емоции. Треба само да се биде отворен, да се соочиш со себе.

Публиката таа искреност, болка и ранливост може да ја почувствува, да ти поверува, да се замисли и во тебе да се препознае себеси. Она што не го кажуваме тежи најмногу. Тоа те тера да се соочиш со вистината, колку и да е таа вистина болна, а вистината е единственото нешто што го сакам во театарот и во животот.

Убавите зборови и наградите значат многу. Тие се добар ветер во грб. Таквите чувства ме држат понатаму да чекорам во мојот, во театарскиот свет. Постојат коментари дека премногу „се давам“ и дека тоа може да ме чини здравје, а всушност тоа мое „давање“ мене ме држи здрава. Колку даваш, толку ти се враќа. Како во животот. Да си го натовариш товарот на својот грб, а при тоа ‘рбетот да не ти пукне. Не е доволен само талент и, како што би рекол Чехов: „Tреба да се работи, и само да се работи!“

Q

Да скокнеме малку и кон иднината. Ќе бидеш дел од претставата „Народен непријател“ во режија на Нина Николиќ, која е дел од проектот „Патиштата на хероите“, поддржан од Програмата Креативна Европа. Премиерата треба да се случи во 2022 година во МНТ, по што ќе следат изведби и во неколку други земји. Што можеш да ни кажеш за оваа претстава? Како е да се биде дел од комплексен и амбициозен проект во овие крајно неизвесни времиња?

A

Со Нина Николиќ работам уште од факултет. Почнавме да работиме претстави и да ги играме на алтернативна сцена како ЦК и МКЦ. Си ги кажуваме соништата и нервозите од и за заедничката професија – театарот. Заедно растеме. Сами се бориме за својот простор и за остварување на сопствените идеи. Со заеднички сили го изодуваме овој пат при создавање на претстави со многу труд, емоција и енергија, како „Неверство“, „Луди за љубов“, „Секс лаги и диви гуски“ и „Разговори во четири очи“, со која отидовме на фестивали во Словачка, Белорусија, Москва, Чељабинск, па дури и во Непал.

Од Москва се вративме со награда за најдобра претстава, а мојата прва награда за најдобра актерка беше со „Стаклена менажерија“ на „SKENA UP“, претстава со која отидовме на фестивал во Приштина кога имавме само 22 години.

Се случи „Галеб“, отидовме во Кина, ја игравме и во Софија и Варна, а кога таму ќе се видите во селекција со Јан Фабер, рамо до рамо, како што пишуваат за него, така пишуваат и за вас – тоа значи многу. Кога си ја работиш работата чесно, искрено, со полно срце, тогаш се случуваат вакви проекти.

„Народен непријател“ е логично продолжување на патот по кој чекориме. Пред нас се отвораат уште поголеми можности, но и уште поголеми одговорности. Не смееме да дозволиме големината и значајноста на ваков проект да нѐ промени, да нѐ направи алчни, а најмалку од сѐ, да придонесе да ги заборавиме сите оние благодарение на кои ни се отворила оваа шанса. Во една театарска екипа сите учесници се важни. Во „Народен непријател“ учествува истата екипа со која се разбираме меѓусебно и во која секој се жртвува за другиот во име на добар проект и сонува преку театарот.

Q

Забележавме дека периодов следиш многу претстави онлајн. Што ќе ни препорачаш да погледнеме?

A

Театарот е жива материја. Контакт. Театарот се случува сега, тука и во овој миг. Глумците на сцена и публиката во салонот се еден ист организам. Додека бевме затворени, го искористив времето да читам и да гледам филмови и серии кои не сум стигнала да ги погледнам. Најголемите театри ги отворија своите архиви и имавме можност да гледаме театарски претстави, балет и опера онлајн.

Театарот ми недостига толку многу што почнав да гледам претстави онлајн, на некој начин да бидам блиску до него. Ова беше нешто добро да се искористи од оваа пандемија. Да погледнеме каков театар создаваат во светот, можност да се видат претстави кои не се играат веќе на репертоар, а оние претстави кои ќе се играат и понатаму не знаеш дали некогаш ќе имаш шанса да ги погледнеш во живо.

Би ја издвоила претставата „Три сестри“ на А. П. Чехов, режија Тимофеј Кулијабин, театар „Красный Факел“ / „Red Torch Theatre“, Новосибирск – Русија, на платформата „Stage Russia“.

Q

Те влече ли филмот исто толку колку театарот?

A

Ние како актери сме обучени да дејствуваме и во театар и на филм. Моето искуство е поголемо во театарот. Еден од омилените начини како да поминам една вечер е со филм. Многу често ми се случува да изгледам и филмски маратон, без разлика дали станува збор за филмски класици, оскаровци, европска кинематографија, а во последниве години на моето мени се и сериите, мини сериите или сериите кои траат повеќе сезони.

Секако дека го чекам моментот да бидам дел од некој филмски проект, верувам дека и тоа ќе се случи. Една од најважните работи за еден актер на самиот филмски сет е да знае да чека и да ја канализира својата енергија во точен момент, кој зависи од многу фактори. На пример, за еден кадар може да се случи и повеќе часови чекање. Меѓутоа, за жал, кај нас, не може да стане збор за филмска индустрија бидејќи сме мал пазар.

Филмот е реткост и малку се на број филмовите и сериите кои се продуцираат во текот на една година. Се надевам ќе имам шанса да чекам на филмскиот сет и уште повеќе да навлезам и во овој медиум.

Q

Дали постои совршена изведба на претстава? Која изведба во твојата кариера досега би ја издвоила како најблиска до тоа?

A

Изведбата на „Електра“ на фестивалот „FIAT“ во Подгорица, Црна Гора. Игравме во огромен хангар. Амбиентот одлично се склопи со темата, беше тотално алтернативно. Претставата се прикажуваше на видео бим, крупни кадри, камера во живо. После третата сцена, се сеќавам дека седев на стол во крупен план и со очите превртени како враг. Имаше гласна музика и одеднаш го слушнав Жолдак како ненормално се дере, а јас со превртени очи ништо не гледам и во тој момент не знаев дали сум во некое бунило, сум ја преминала границата, халуцинирам или што ми се случува.

Слушав само дерење да се престане, чекав така укочена, со превртени белки и Жолдак ме фати за лице и за раце, викајќи: „Даша, Даша, дојди со мене!“ Ги отворив очите и го видов пред мене како ме тресе. Тоа чувство не се заборава.

Всушност, снемало струја, камерата престанала да работи и тој ја прекинал преставата. Позади сцена сите бевме во шок!

За 15 минути се врати струјата. Излеговме на сцена, публиката нѐ чекаше, беше преполно, ја повторивме сцената и игравме до крај како диви животни, како што би рекол тој.

Претставата почна во 22:00 часот и ја завршивме во 02:00 часот по полноќ. Публиката врескаше, огромни аплаузи и овации, не сакаше да нѐ пушти од сцена, а ние плачевме од среќа. Тотална катарза.

После одиграна добра претстава ќе видите луѓе на кои нашата приказна, нашата вистина оставила некаков траг. На еден момент или час го променила светот. Дека ова нашево има смисол и за ова вреди да се живее.

Q

Последниве години, најголемите холивудски актерки се огласија за личните искуства со сексуално вознемирување и злоупотреба во филмската индустрија, преку #MeToo движењето. Каква е ситуацијата во театрите кај нас?

A

Дури 94% од жените во филмската индустрија во Холивуд, како и телевизиската и маркетинг индустријата, го споделија своето искуство и после долго време собраа храброст да проговорат за она кое го доживеале како жртви на сексуално вознемирување, од луѓе како типот на Харви Вајнстин, кој доби казна и е осуден. Го поддржувам #MeToo движењето. Подобро некогаш отколку никогаш. Знаејќи го својот сопствен темперамент, некако им се чудам на недостатокот на храброст но, сепак, таму владеат други правила на игра. Тргнувајќи од себе, сигурна сум дека доколку тоа би ми се случило мене или пак на некоја колешка, тоа не би останало премолчено и без осуда, во најмала рака. Меѓутоа, моето искуство говори сосема спротивно. Уште од факултетските денови се научивме да функционираме како едно големо семејство што ги дели сите проблеми. Ги делиме заедно просториите за пресоблекување и сосема ни е нормално да бидеме едни пред други во долна облека, од едноставна причина што самата претстава и условите го наметнуваат тоа. Истото искуство продолжува и во мојата матична куќа каде слободно можам да кажам дека не постои поделеност по основ на пол. На овие работи јас и моите колеги гледаме професионално. Постои голема колегијалност, другарство, заштитнички однос од сите мои колеги со кои сум соработувала и сигурна сум дека така ќе биде и во иднина.

Q

Глумат ли луѓето и во животот?

A

Постои предрасуда дека глумците глумат и во приватниот живот. Имаме среќа и привилегија да играме различни улоги, да создаваме нови животи, да се осознаваме себеси преку нив, да растеме и да станеме подобри луѓе.

А дали глумат луѓето денес? За жал, да, на секој чекор, во секој момент, бескруполозно. Опкуржени сме со лага, лажност, кич, хипокризија, неукост. Вредности, па што беше тоа? Остатоци од диносауруси има во музеи, а сѐ помалку гледам остатоци од какви било морални вредности.

„Добро утро“ и „добар ден“ се заборавени зборови, а затоа „те сакам“ се слуша толку често што станува крајно банално, небитно, заборавивме што всушност тоа значи и колкава тежина и одговорност носи.

Многу професии се деградирани. Ова е глобален проблем на изгубен систем на вредности. Заборавивме да се грижиме за природата и за луѓето околу нас. Лицемерно е да пропаѓаат луѓе под притисокот што го наметнува времето и анксиозноста што ја носат во себе, а ти да си среќен, насмеан со став „ова не ми се случува мене“.

Кога почна оваа „нова реалност“, ужасно го мразам овој термин, помислив „еве, ова е знак, конечно ќе се свртиме еден кон друг, ама овој пат искрено“. Колку ли само погрешив? Денес носиме маски за да се заштитиме од вирусот, но дали сме заштитени од бесчуствителноста?

И за крај, се радувам на секоја онаа средба макар и под маски, со некој што можам да му видам во очите дека е насмеан или можеби тажен, но сепак искрен.

Q

Некаде прочитавме дека си родена на петок 13-ти, на полна месечина. Суеверна ли си?

A

Родена сум на петок 13-ти, полна месечина. Уште додека сум била во болница мајка ми побарала од една од болничарките да ме види, а таа ѝ одговорила: „​Извинете, вашето девојче снима спот!“ Да, во тој миг, „Леб и сол“ го снимале спотот за песната „Скопје“ и во кадарот со бебињата сум и јас, така што моето прво појавување пред камера е кога сум имала само два дена. И како што би рекла мојата Лилјана Мазова: ​„​Еве ти сега судбина, ти си ја одбрала професијата или таа те одбрала тебе?“

Q

Имаш многу посебен стил. Како му пристапуваш на облекувањето?

A

Уште од мала ги носам боите на Benetton. Така што, тие United Colors of Benetton се сѐ уште со мене. Сакам да експериментирам со бои и шарени парчиња. Пролет, лето сум со нив, а есен, зима сакам црно, камел боја, сива, темно зелена, земјени бои, нешто поотмено со построга линија. Сакам облеката да е квалитетна и да се чувствувам комотно. Љубител сум на необични, шик парчиња. Иако сакам да менувам нешто на себе, сепак не правам драстични промени. Дали купувам нови парчиња или, пак, се подготвувам за излегување, приликата го диктира изборот. Најважно ми е да се чувствувам пријатно и да сум своја.

Q

Алисија Викандер го има Никола Жескје, Тилда Свинтон го има Хајдер Акерман, Џулиен Мур го има Том Форд. Со кој/а дизајнер/ка би сакала да имаш таква конекција во која ќе се измешаат другарството и соработката?

A

Да ме прашавте пред две години ќе кажев Карл Лагерфелд, а сега ме претркавте, ми го земавте зборот за Никола Жескје, така што, би играла како Алисија Викандер, 100% Никола Жескје – го обожавам.

Долги телефонски разговори или и-мејлови? Долги телефонски разговори.
Процес или премиера? Процес.
Сценска шминка или никаква шминка? Никаква шминка.
Танцување во диско или седенка со пријатели? Седенка со пријатели.
Бунтовно или според правилата? Бунтовно.
Леонардо ДиКаприо или Роберт Де Ниро? ЛЕО, ЛЕО, ЛЕО!
Мини-серија или 7 сезони? Ако е нешто добро и се опседнувам, тогаш сакам повеќе сезони.
Френсис Форд Копола или Софија Копола? Френсис Форд Копола, ама никако не можам да го изоставам неповторливиот „Lost in Translation“.
Пирс или тетоважа? Имам и пирсови и тетоважи.
Изгрејсонце или зајдисонце? Зајдисонце.
Разговор со пријател или со психијатар? Разговор со пријател.
Неудобни, но предобри штикли од 12 cm или UGGs? Добри патики.
Андриј Жолдак или Нина Николиќ? Двајцата, во секое време. 🙂
Тирамису или помфрит? Чизкејк.
Еспресо или џин? Џин.
Дожд или снег? Сонце.
Кучиња или тигри? Кучиња.
Седиште до прозор или до премин? Седиште до прозор.

ПРВОТО ЧИТАЊЕ НА СЦЕНАРИО Е

1. Возбудливо
2. Проследено со измешани чувства
3. Стресно

НА СЦЕНА ЧУВСТВУВАМ

1. Среќа, задоволство, екстаза, занес и возбуда
2. Гордост и привилегија
3. Трема, нервоза, притисок и стрес

ПОСЛЕ ПРЕТСТАВА

1. Одам дома, исклучувам телефон и спијам 15 часа
2. Ме дрма адреналин
3. Ја анализирам изведбата и размислувам за тоа што би сменила

БИ ИНВЕСТИРАЛА ВО

1. Култно дизајнерско парче
2. Некоја винтиџ убавина на четири тркала
3. Егзотично патување

НЕ ПРОПУШТАМ

1. Добра изложба во МСУ
2. Пренос на Оскари во живо
3. Роденден на другарка

Деновиве слушам музика и пијам вино.

Без верба нема иднина.

Даниел Деј-Луис секогаш ме остава без текст.

Никогаш нема да ги заборавам дружбите и испитните претстави од студентските денови на ФДУ.

Обожавам да ги гледам моите омилени глумци, а ги има многу, во која било претстава/филм/серија.

Би сакала да ја играм Небеска Тимјановна во биографски филм.

Најдобриот совет што некогаш сум го добила од колега/шка е: „Земи ја целата своја болка и пренеси ја на сцена“.

Во поинаква реалност, уште утре би се спакувала и би отпатувала во Еквадор, да ја видам мојата генијална другарка и глумица Стефанија Зисовска.

Да можам, би се вратила во детството и би разговарала со часови со мојот дедо.

Многу би сакала да ме облече Мариа Грациа Кјури од Dior за на Met Gala.

Претставите кои сум ги играла во најтешките моменти од мојот живот ми биле… најголем предизвик.

Реплика која сакам да ја спомнам во моментов е… „Секое дно е дупло дно“. – Горан Стефановски.

Сакам да ме памтат по… Тоа можат другите да кажат за мене.

Најдобар македонски филм е… „Среќна Нова ‘49“.

Чувството кое го сакам најмногу на светот е… после добро одиграна тешка претстава.

Гримаси со кои забавувам мали деца… не правам гримаси, едноставно си правиме муабет.