ДОМА СО… ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА

Карантинот на впечатливата Елена Чемерска делува исто толку апстрактно колку и нејзината уметност. Изолацијата на Елена е двокатна, поделена на време дома и време во ателје. Нејзиното преубаво студио исполнето со преубава светлина, не само што ни делува како идеална сценографија за добар едиторијал, туку и ни буди желба да ги истражуваме сите навидум несредени, но очигледно подредени предмети, книги, четки, бои и парчиња уметност расфрлани насекаде низ просторот. А после овој фин разговор, едвај чекаме да седнеме со Елена и прописно да се расприкажеме и во реалноста.

Мојот живот по дома изгледа…

Некако најнормално што може, се трудам да научам нешто за структурирањето и поимањето воопшто за времето и социјалниот живот од новонастанатата ситуација. Но чувството на заробеност и недостаток на контрола е сепак нешто што постојано фрла некоја бизарна светлина врз целово искуство.

Носам…

Што ми е удобно – широки дуксери по дома и облека за работа во ателје – партали за кои не се грижам дали ќе ги исфлекам. Сѐ на сѐ и не изгледам баш нешто угледно. 🙂

Слушам…

Радио, Spotify, online предавања…

Гледам…

Многу документарци и филмови за инспирација. Ситуацијата доведе до тоа да некои од најважните светски филмски и документарни фестивали ги отворија своите online архиви за јавноста, па се трудам до максимум да ја искористам приликата.

Читам…

Многу работи одеднаш – лоша, но вечна навика. Го препрочитувам Baudelaire и Богдан Богдановиќ за ониричен feeling, Bifo Berardi за примена на сонот во јавето, и When Fact is Fiction; Documentary Art in the Post-Truth Era приредена од Nele Wynants како стручна литература.

Пијам…

Многу вода и многу кафе; уште една новина, обид за чистка за која ми се чини дека изолацијата е соодветно време.

Готвам…

Периодов прилично едноставно и поограничено од обично. Зеленчук во главно и по некое парче месо – гореспоменатата чистка. 🙂

Витамини / суплементи кои ги земам секој ден…

Еден куп, но еве ги трите најактуелни: витамин C, витамин D и цинк.

Моето студио изгледа…

Мојот работен простор во конвенционална смисла на зборот изгледа – лом. Студиото е полно со најразлични типови на материјали. Мојата практика и работите со кои се занимавам се навистина разноврсни, па бараат и различни ситуации во кои можат да добијат своја форма. Сепак, доста сум внимателна со материјалот, па иако тоа можеби изгледа поинаку, добро знам каде ми е алатот, како ми се уредени книгите, каде ми се референците, што каде стои во „валканиот“ дел од студиото…

Кога ќе осетам анксиозност, ме смирува…

Многу ме смирува да гледам во небо, во секое време. Ме смируваат вести од сите страни на светот врзани со сочувство и солидарност. Ме смируваат планови за идни проекти и за соработки, и конечно, како и сите веројатно, ме смируваат луѓето кои ги сакам.

Од светот надвор, ми недостига…

Слободата да се движам и да работам во полна сила. Многу чудно и неизвесно време, сѐ уште не знам што точно да мислам.

Нов ритуал ми е…

Далеку поинтензивно се грижам за растенија и откривам колку се благородни. Се надевам дека ќе ми остане.

Ме инспирира…

Поминувам многу време во набљудување околу себе, со часови можам да гледам како светлината паѓа на и се прекршува од предметите и елементите. Тематски ме инспирираат приказни врзани со непокор, ме инспирира литература, архитектура, а најмногу од сѐ уметност и филм. Ужасно ме радуваат дела кои пулсираат внатрешен живот и кои зборуваат некоја своја вистина. Ми ја зајакнуваат вербата во нашата професија и се голем поттик за работа.

Feel-good филм ми е…

Django Unchained. Маестрално направен, динамичен и забавен, а сепак благороден и навистина антирасистички филм. И особено сакам како завршуваат сите тие зликовци.

Последна добра серија која ја изгледав е…

Пријателка ми посочи дека на HBO ја даваат Twin Peaks, па со задоволство одново ја гледам – права серија за мене за тековново чудно и непостојано расположение.

Карантин не звучи така лошо со…

Ммм, ако морам да одберам, би сакала во моментов едно карантинско стажирање кај Raqs Media Collective. Не би ми паднало многу тешко ни да поседам малку со Cillian Murphy, Michael Fassbender, Leo DiCaprio, Adrien Brody, Brad Pitt… Еден куп симпатии. 🙂

Меме на кое се згазив од смеење периодов…

Грозен ми е хуморот, би ве поштедила. 🙂

Последно нешто што сочував од Инстаграм…

Не зачувувам – многу, многу сум low-tech за и на Инстаграм.

За бегање од реалноста, одам на Инстаграм профилот на…

Малку заостанувам кога станува збор за Инстаграм трендови. Го користам исклучиво за визуелни забелешки врзани со впечатоци кои дента ми се впишале во меморијата. Претпоставувам дека секогаш ме радуваат постови на моите пријатели уметници раштркани низ светот чиј труд не можам да го следам од прва рака. Преку нивните профили патувам.

Guilty pleasure Инстаграм профил ми е…

Имам пар профили за посебно глуп хумор што ми се премногу смешни иако не ми е баш логично зошто.

Turn off на Инстаграм ми е…

Кич и култура на showing off – глупо ми е и токсично.

ФОТОГРАФИИ // Отстапени од Елена Чемерска за ЛИФТ