ДОСИЕ НАТАЛИЈА ТЕОДОСИЕВА

Ако изразувањето преку глума и танц дава посебен вид слобода, Наталија Теодосиева го поседува најслободниот дух што некогаш сме го сретнале. Изобилството на талент за овие уметности и можноста за нивно соединување, дополнети со маркантната појава, силно се чувствуваат секој пат кога ќе се кренат завесите.

Наталија просто владее со сцената, танцувајќи од улога во улога, модерно, но со класична дарба. Поседува неверојатна умешност да менува кожи во тело кое полетно пулсира на секаков ритам.

Искрена, страсна и бестрашна, длабоко се нурнува во секоја игра, убедувајќи нѐ и како навидум обична аптекарка во „Исцелител“, и како фантастична вештерка во „Макбет“, но и како храбра идна мајка во „Врба“ на Милчо Манчевски. Во силните бранови кои знае да ги предизвика актерската професија во Македонија, Наталија вешто се одржува и допрва се загрева за пливачки маратон во блескава кариера.

Со Наталија, во ЛИФТ, носиме мокра коса, претскажуваме дигитална иднина и откриваме дали ќе фрли сидро во глумата или ја интересираат и други води.

Q

Оваа година, животот е статичен, успорен, поинаков, но не и застанат. Работите течат, вклучувајќи го и снимањето филмови. Со оглед на тоа што неодамна заврши со снимањето на „Мими“, филм на Даријан Пејовски, во кој ја играш истоимената, главна улога, нè интересира, како изгледаше сето тоа? Спореди го ова снимање со снимањето филмови во минатото?

A

Оваа година не можам да ја споредaм со ниту една друга, ниту пак „улетувањето“ на „Мими“ во мојот живот. Ми се чини дека секаде каде што имав прилика да се изразам оваа година, имав посебен пристап, веројатно како влијание од деновите поминати дома и деновите поминати размислувајќи на теми сродни со филмот, театарот или егзистенцијата. „Мими“ се појави рапидно и спонтано. Сѐ додека не ја добив улогата, не знаев дека станува збор за протагонистката во филмот, иако бев неколку пати на кастинг. Поминав многу време со Даријан Пејовски и Тамара Ристоска, кои ми го олеснија процесот и просто уживав работејќи. Мими во филмот поминува низ психички и физички промени, доживува несекојдневни нешта и прави чудни избори. Некои од тие сцени беа предизвикувачки и бараа полн фокус и посвета. „Мими“ е дефинитивно колектив и енергија која сакам да ми се случува почесто.

Q

За „Мими“, долгата коса ја замени со драстично пократка. Која е најголемата жртва која актерството ја побарало од тебе?

A

Не преферирам да гледам на тоа како да принесувам жртва, повеќе го разбирам и прифаќам како дел од професионалноста која ние, актерите, ја гаиме. Едноставно, тоа е дел од работата за која, на крајот на денот, одлучуваш ти сам. Не мислам дека до сега актерството побарало од мене нешто толку драстично за да го гледам како курбан, но не значи дека не сакам. За мене, професијава е страст и сите промени и предизвици ме хранат и возбудуваат. Така сакам да созревам, далеку од комфорот и конвенционалното.

Q

Глумиш и во театар и на филм. Дали едното ти е поблиско од другото и, ако да, зошто?

A

Уште не сум забележала што ме оживува повеќе и тоа ми е сосема во ред. Тоа значи повеќе простор за работа, поголем избор, поголеми предизвици. И двете се места каде целосно припаѓам, каде се чувствувам најудобно додека светот околу мене не се крои по мои мерки. И театар и филм подеднакво ме инспирираат и возбудуваат, и двете се места каде сакам да се гледам себе и години после сега.

Q

Многу рано во твојот живот имаш осознаено дека сакаш да се занимаваш со дејности кои бараат сцена. Како одлучи да учиш модерен балет во средно училиште? Што те натера потоа да се префрлиш на глума? Колку танцот влијае на твојата актерска игра и дали е дел од твојот живот и денес?

A

Важните нешта на мојот живот му пристапуваат спонтано. Па така, и танцот и актерството многу органски си се укотвија. Очајно сакав да учам музичко средно во Штип. Сепак, мајка ми беше таа што ме донесе во Скопје и ми рече дека за мене постои поубаво место. Дотогаш немаше катедра во ДМБУЦ за модерен танц, таа година за првпат се отвори. Ме однесе пресвета мајка на аудиција, и ме примија. Од тој ден до први септември, секоја вечер пред спиење си замислував како ќе изгледаат часовите по танц. Средношколските денови во тоа училиште беа најубавите и најсреќните во мојот живот. Поради финансиски пречки не можев да заминам во Америка да студирам современ танц, и тоа го заменив со запишување на Факултетот за драмски уметности кај нас. Во меѓувреме, имав и претстава на репертоарот на МНТ, па така и лесно се убедив. Сѐ ми се чини дека не сум можела да направам подобри избори од овие два. Танцот всушност ме донесе до овде. Способноста да го владеам сценскиот простор, флексибилното тело, чувството за ритам и движење се само дел од компонентите кои мене ме сочинуваат како артистка. И се разбира, танцот секогаш ќе биде дел од мене, секаде.

Q

„Врба“ на Милчо Манчевски ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Рим минатата година, но сè уште собира меѓународни награди, феноменални критики и трогателни реакции од публиката. Во овој филм-триптих, ти ја одигра комплексната улога на Родна. Издвој три работи кои најмногу ги цениш од ова искуство?

A

„Врба“ и Милчо ми се најголемата лекција за учење. Средбата на моето скромно филмско искуство со неговото е голема лекција, цела книга за проучување. 🙂

Искуствата од овој филм се незаменливи и трајни, после кои доста самоуверено пристапувам на секоја работа. Она што би го издвоила од ова снимање се подготовките за снимање. Тие интензивни припреми длабоко во мене всадија една практика која оттогаш ја користам секаде каде што работам. Потоа, вербата која ја имаше Милчо во мене, која ми отвори слобода за креација и самодоверба да работам така како што мојата интуиција зборува. Трето, но не последно, е приликата да работам со Камка Тоциновски.

Q

„Врба“ е македонскиот кандидат за „Оскар“ оваа година. Минатата година, за премиерата во Рим одбра фустан на Јована Филиповиќ, па мораме да те прашаме, во кој дизајнер би го прошетала оскаровскиот црвен тепих?

A

Се разбира дека пак би ја одбрала Јована Филиповиќ.

Q

Колку ти се големи амбициите? Што во твојата актерска кариера би било остварување на сите соништа? Холивудски филм или серија, Бродвеј или, пак, нешто сосема друго?

A

Интересно е тоа како многу луѓе мислат дека асоцијацијата за филмски успех е Холивуд и претставува исполнување на соништата на еден актер. Мене европската кинематографија многу повеќе ме возбудува и фасцинира. Многу би била среќна кога би снимила филм во германска или француска продукција, некоја серија во Англија воопшто нема да ми дојде лошо. Никогаш не се форсирам себе да морам да имам поставен идеал, спонтаноста сѐ повеќе ми се допаѓа, па така, ако сумирам, би рекла дека најсреќна ќе бидам кога ќе работам интернационално, во различни држави, на различни јазици. Да патувам, уште подобро –  да патувам и да работам.

Q

Една од твоите последни претстави е „Макбет“ на Нела Витошевиќ. Во неа, глумиш раскошна, диско вештерка, заедно со Ивана Павлаковиќ и Ана Стојановска. Автентичната креативна дирекција на ова остварување е видлива во секој аспект, вклучувајќи ја и костимографијата. Генерално, дали имаш некоја посебна врска со костимите што ги носиш? Како влијаат на твојата изведба?

A

На костимите секогаш многу им се радувам. Тие секогаш пристигаат на крајот на процесот или неколку дена пред првата изведба. Тие се како последниот допир на вајарот зададен на својата скулптура. Можеби затоа ми се чини дека само тогаш сум спремна и комплетна. И вистина, костимите на Розе Трајчевска во „Макбет“ ни дадоа дополнителен мотив да бидеме толку брилијантни. Ете, токму затоа ми е важно да си го сакам костимот, ме поткрепува со креативност и чувство на самодоверба.

Q

Со Нела Витошевиќ работеше и на „Мојот маж“, претстава според истоимената книга раскази од Румена Бужаровска. Ептен го поздравуваме ова македонско женско остварување! Нè интересира, каков беше овој процес за тебе? Повеќе ти „легна“ драматизацијата или документарниот дел? Предизвикувачки ли беше да се извади сопствената интима на сцена пред публика?

A

Ниту еднаш не се подразмислив дали треба сум дел од овој процес, или дали сум спремна за него бидејќи ваквиот документаристички пристап е близок до мојот сензибилитет и верувам дека современиот театар треба да се занимава со тоа. Сепак, ние градиме некаква врска со гледачите, тие се пронаоѓаат, критикуваат и засрамуваат од што го гледаат. За мене, како актерка, е важно да ги споделувам моите ставови и погледи со публиката. Многу ѝ верувам на Нела и затоа секогаш се препуштам без задршка во нејзината идеја. Таа е режисерка која не се задоволува со медиокритетот и секогаш го критикува истиот.

Голем предизвик беше да се одиграат расказите на една од најчитаните авторки на Балканот денес, кои, сепак, не се пишувани во драмски формат. Тоа бараше исклучителна креативност и енергија, па затоа ќе кажам дека драматизацијата ептен ми го направи меракот. И да, провокативно е да сте интимни со публиката, нивните реакции се бесценети. Целата таа голотија на душата која им ја приложувате и реакцијата на гледачите е сама по себе некаква врста на комуникација која ја доживуваат и актерот и гледачот, само тогаш во тој еден миг. Гледачот можеби нема да го препознае тој експеримент, но никогаш нема да го заборави.

Q

Претставите во склоп на 45-ото издание на МОТ се играат пред виртуелна публика. Ти беше дел од претставата „Иднината е приватна“ во режија на Милош Б. Андоновски. Опиши ни, какво е твоето искуство со онлајн театарот?

A

„Иднината е приватна“ почна со своја реализација уште пред пандемијата. Подоцна се обидивме да функционираме онлајн од каде и дојде идејата комплетно да ја прилагодиме за пред малите екрани. Сфативме дека текстот кој го напиша Милош неверојатно се залепи за оваа идеја. Не можевме да посакаме поточен текст кој е врзан за приватноста во иднината. Иднината во која сѐ е дигитализирано и луѓето живеат сами, водени од вештачки интелигенции кои им го организираат животот и секој контакт што го имаат со светот надвор од нивните домови е само преку екрани и холограми. Ангажиравме снимател преку кој всушност ќе ја раскажеме таа драма.

Не беше воопшто лесно да се изведе оваа луда идеја, ама никогаш не се откажавме иако имавме милион пречки. Решивме да одиме до крај и да го видиме крајниот резултат, да видиме дали иднината може со леснотија вака да функционира и како би изгледало тоа. Ја дадовме премиерата во септември, ја емитувавме во живо од местото на настанот. Беше неизвесно до самиот крај, па и за време на изведбата, но, се разбира, заврши успешно со мали камчиња по патот како и сѐ што се гради во овие денови, неизвесно и храбро.

Q

За проектот „Споменик на слободата“ на Елена Чемерска, напиша есеј полн носталгија во кој ги сподели сеќавањата за ова посебно место во Кочани и за неговата улога во твоето растење. Годинава, доби и награда за значајни остварувања за развојот на општина Кочани. Сподели со нас уште некој спомен кој особено те врзува за твојот град?

A

Оваа награда многу ме израдува и изненади. Ме врати на моите почетоци, на луѓето кои безрезервно ме поддржуваат и го следат секој мој чекор. За тоа сум многу благодарна. И, за да биде уште помагично, наградата ми ја врачија токму на тоа мое омилено место, на „Споменикот на слободата“.

Се разбира дека Кочани е преплавено со еден куп мои спомени, некои се тажни, а други никако не бледеат поради нивните интензивни бои и мириси на среќа и комфор. Куќата каде сѐ уште живее мојот дедо е една од тие места кои од километар гаѓаат со среќни приказни. Овде се споени сите чувства на носталгија, среќа, прибежиште и љубов. Тоа е една голема куќа во која некогаш живееле 2 семејства и многу гости,  но таа сега се празни од физичко присуство и се преполнува со мемории и приказни од минатото. Тука растев, тука си играв и тука бев слободна, но цело време под око на едни двајца мудри и вредни луѓе.

Q

Во оваа мала средина, актерите го немаат истиот третман на ѕвезди како во светот. Дали тоа ти пречи, или пак не обрнуваш внимание? Колку ти е важно одобрувањето и пофалбите од публиката? Колку тоа влијае на добивањето работа, но и на заработката? 

A

Воопшто не ми пречи тоа што немаме такви третмани на ѕвезди, ми пречи еден друг „третман“, тоа што вреднувањето на нашиот труд е смешно во однос на тоа колку сме посветени и колку работиме. Таму каде што има третман на ѕвезди, има и вреднување на овие заложувања. Без одобрувањето од другите преживувам среќно и не ми е многу важно, а пофалби примам, ама зависи од кого. 🙂

Посветеното работење и фокусот кој го положувам во проектите секогаш резултирало со нови проекти и нови познанства. Верувам дека добивањето работа го имам заслужено и тоа така треба да биде, а заработката си доаѓа и со искуството. Колку повеќе работиш, толку се поголеми шансите да ти „скока“ и хонорарот.

Q

Би истражувала ли и други професии во областа на театарот и филмот? 

A

Се разбира. Кореографија е нешто што од мала ме фасцинира. Движење и исполнување на празниот сценски простор. Формации, синхронитет, колектив и тела во движење се формите во кои можам и сакам да истражувам.

Еспресо или црн чај? Црн чај.
Балет или играње во клубови? Дома!
Бонд-девојка или жена-мачка? Бонд-мачка.
Ролка или деколте? Ролка.
Тастатура или пенкало? Тастатура.
Вештерки или самовили? Трипати вештерки.
Мрежа или чипка? Мрежа.
Испит или аудиција? Аудиција.
Дијалект или литературен јазик? Нешто ме влече дијалектот во последно време. 🙂
Брзо или полека? Брзо ќе да е.
Под палма или на скии? Под палма, топлес!
Цимет или кари? Цимет.
Милчо Манчевски или Нела Витошевиќ? Двапати, двајцата.
Црно-бело или техниколор? Техниколор.
Вилијам Шекспир или Румена Бужаровска? Румена Бужаровска.

Осумнаесетгодишната Наталија би ја советувала… а дали може она да ме советува мене?

На ФДУ уживав… на секој час кај професорот Милчин.

Штом ќе се спушти завесата, чувствувам… леснотија и ургентност за чаша жестоко.

За аудиција облекувам… црно.

Лекција која ја научив во 2020… чувај ги другарчињата, фамилијата и мајката природа.

Песна која ме тера да танцувам секогаш кога ќе ја слушнам е… „Whole Lotta Love“.

Кога учам текст за претстава или филм морам… да имам партнер кој ќе ми враќа на реплики, а тоа е Кики, дечко ми, на кој особено му лежат женските ликови.

Не би ми пречело да се појавам на насловна на… некој магазин за мачки, на пример.

Ептен би ми легнала улогата на… Arya Stark.

Од пороци… БЛАГО, сѐ друго ми е минливо.

Филм кој го имам изгледано минимум 10 пати… „Million Dollar Baby“, „Café de Flore“…

Најинспиративен лик во Македонија ми е… ги има многу такви женски и они го знаат тоа.


Стигнавме до последниот кат во оваа серија разговори со инспиративни македонски актерки. Претходно, со нас во ЛИФТ беа и ДАРЈА РИЗОВА и ИВАНА ПАВЛАКОВИЌ.