ЗАНЕС И МЕЛАНХОЛИЈА ВО ФОНДАЦИЈАТА ХЕЛМУТ ЊУТОН

ФОНДАЦИЈА ХЕЛМУТ ЊУТОН

Mириса на… Chanel No 5.
Звучи како… Claudja Barry – Love for the Sake of Love, Lisa Stansfield – All Around the World
На забава таму би носела… што друго ако не Le Smoking на YSL
Би пиела… шампањ
Би ја разгледувала повторно со… Џун Њутон, за да ми раскажува приказни за нивниот живот додека ги гледаме фотографиите

Во околината на зоолошката градина во Западен Берлин, многу соодветно, се наоѓа уште еден простор чија содржина дефитивно ги буди животинските инстинкти. Уште посоодветно, тој простор е сместен во поранешната пруска воена коцкарница „Landwehrkasino“, па сосема разбирливо буди и желби за прекршување на моралните норми. Реално, тоа се квалитети кои секоја добра модна фотографија треба да ги има. Поради овој сплет на околности, не постои посовршен дом на планетава за Фондацијата Хелмут Њутон, посветена на човекот без кој не би постоела модната фотографија во формата во која ја имаме денес.

Основана од самиот Хелмут во октомври 2003 година, на само неколку месеци пред неговата смрт, фондацијата е посветена на зачувување и претставување на неговиот фотографски опус, како и творештвото на неговата жена Џун, која фотографирала под псевдонимот Алис Спрингс. Замислена како „жива институција“ наспроти „мртов музеј“, фондацијата е дом и на фотографии и изложби на други уметници чии дела „разговараат“ со делата на Хелмут и Џун.

Фондацијата била замислена како ‘жива институција’ наспроти ‘мртов музеј’

После долгогодишно обожавање на работата на Хелмут, во октомври минатата година конечно стапнав во оваа фондација и тоа беа едни од најдобрите, но и едни од најдепресивните 3-4 часа од мојот живот. Еве зошто беа едни од најдобрите…

Движењето низ музејот почнува со перманентната изложба „Helmut Newton’s Private Property“ или „Приватната сопственост на Хелмут Њутон“, која дава ретко добар поглед во животот на Хелмут. Поставката е замислена да предизвикува чувство кај посетителот дека му испревртува на Хелмут низ дома, низ неговите предмети, облеката која ја носел, опремата со која ги ловел епските фотографии, факсовите и рачно напишаните пораки од луѓе од модната индустрија, пасошите, итн.

Рекреирани се и делови од неговата библиотека и канцеларијата во Монте Карло, а на ѕидовите се поставени и стотина постери за изложби, создавајќи колаж во кој совршено се доловува влијанието на Хелмут врз модерната модна фотографија.

На горниот кат беше поставена привремената, но вонвременска изложба „Newton, SUMO / Three Boys from Pasadena / Photo Collection of Helmut and June“. Во првиот дел од оваа изложба-триптих, на едно место можеа да се видат сите 464 фотографии од монументалната SUMO на Хелмут Њутон. Издание на TASCHEN, SUMO е најголемата (50 x 70 cm) и најскапата (€17,500) книга на 20 век и една од првите работи на мојот список кога би ја имала таа привилегија да почнувам уметничка колекција.

Во вториот дел беа изложени фотографии на „трите момци од Пасадина“, Марк Арбејт, Џорџ Холц и Џаст Лумис, поранешни асистенти на Хелмут и етаблирани фотографи. Од овој дел би ја издвоила Birdman на Џаст Лумис која не ми излегува од глава со месеци.

Третиот дел беше резервиран за приватната колекција на Хелмут и Џун од станот во Монте Карло. Интимна и ненаметливо богата, колекцијата опфаќа импресивни парчиња на некои од најважните уметници на 20 век, како Брасаи, Ирвинг Пен, Мен Реј, Роберт Мејплторп, Картие-Бресон, Ричард Аведон и други генијалци. 

А сега, сакам да се навратам на тоа зошто овие моменти во фондацијата беа и едни од најдепресивните…

I

Ми недостасува да ја имам таа привилегија што ја имаат берлинчани да уживаат во творештвото на Хелмут кога и да посакаат.

II

Депримирачки ми е фактот дека веројатно ниедна од моите фотографии нема да ја има таа посебност која ја имаат фотографиите на Хелмут, делумно поради тоа што сум родена и фотографирам во време кога златното доба на оваа област е веќе поминато.

III

Потајно посакувам да сум од некое друго време и од некое друго место во минатото, во сценарио во кое би можела да бидам еден од асистентите на Хелмут, па да го сменам тоа „три момци од Пасадина“ во „двајца момци и една девојка од Пасадина“.

И покрај вртлогот од чувства кои овој музеј ги предизвика кај мене, би одела секој ден и би ги чувствувала одново и одново, затоа што мора да им се даде простор на негативните емоции исто толку колку и на позитивните, колку и да е тоа непријатно. Во спротивно, не живееме во целост.