КЛУЧНО ПАРЧЕ: КОЖНА ЈАКНА

Модниот свет секогаш зборува за клучни парчиња облека и за тоа колку е голема нивната улога во оформувањето на личниот стил. Но, она што модниот свет многу често го заборава е дека наоѓањето на тие клучни парчиња е вистински предизвик за девојките во реалниот живот.

Ова е особено точно за кожната јакна, која е многу повеќе од само клучно парче. Кожната јакна е институција, основа на стилот и ремек дело на модата чија прва и последна функција е зајакнување на „кул“ факторот.

За да се најде правата кожна јакна, треба да се поклопат сите ѕвезди во универзумот за да се смилуваат боговите на модата и да сервираат парче кое ќе ги исполни сите овие критериуми:

1

Совршено мека, но структурирана црна кожа

2

Златен или сребрен хардвер кој изгледа скапо(цено)

3

Перфектен fit: доволно голема за да може да се облече нешто под неа и доволно мала за да изгледа добро и кога се носи без ништо

4

Сооднос на цена и буџет

5

Да рефлектира самоуверен can’t-mess-with-me став

6

Да биде соодветна и за прв date и за раскинување и за излегување со другарките и за the morning after

7

Да предизвикува чувство дека била одлична одлука секој пат кога ќе се облече

 

Ги споделуваме нашите приказни за тоа како си ги најдовме кожните јакни, колку време ги баравме, колку време ги носиме и уште неколку детали врзани за процесот…


 

Ј

Варја, раскажи ми ја приказната за твојата кожна јакна…

В

Јакнава си ја купив во 2019. Толку многу ја носам што изгледа како да ја имам со години, а колку поизлитено изгледа, толку повеќе ја сакам. Долго време барав кожна јакна во која би инвестирала и некако немав воопшто среќа сѐ до лани. Залутав во дел на All Saints во една стоковна куќа во Токио и таму беше мојата, ме чекаше на закачалка. Како се споивте ти и твојата?

Ј

Се споивме најслучајно на свет. Ја имам веќе една декада, така што практично е винтиџ. Ја најдов во ZARA во Солун, во хаосот на попусти, барајќи сѐ само кожна јакна не. Секогаш си мислам дека јакната ме најде мене, а не обратно. Беше само една, запикана низ рафтови, што ми направи уште повеќе мерак. Како и сите добри кожни јакни и оваа изгледа сѐ подобро и подобро што повеќе се распаѓа. Низ сите овие години, сѐ уште немам најдено подобра, па затоа и ја немам заменето. Fun fact: во периодот кога ја купив бев многу into Rumi Neely и знам дека ја имаше истата и ми беше ептен јако дека носиме исто парче облека. Што мислиш, зошто е важно да се има добра кожна јакна?


 

В

Затоа што изгледа многу badass и кул, а истовремено е едно од најпрактичните парчиња облека ever. Моментално не ми текнува на можен аутфит каде баш ич не можеш да додадеш кожна јакна затоа што не стои. Плус, нема „рок на траење“, квалитетните кожни јакни можат да траат со години. Модните трендови ја заобиколуваат, така што во мода e откако постои. Кое е твоето оправдување?

Ј

Нема друго парче облека кое е толку многу класично и толку многу бунтовно во исто време. Ги опфаќа сите елементи кои се основа на добриот стил. Шик е, додава малку edge во секоја комбинација и подеднакво добро изгледа и на мажи и на жени. Толку е безвременско ова парче облека, што и винтиџ од 1970-тите пак не изгледа ни малку демоде. Имаш ли некој омилен едиторијал со добра кожна јакна, или пак street style фотка која ти останала во глава? На која личност помислуваш прво кога се во прашање кожните јакни?

 

В

Не ми паѓа на памет конкретен едиторијал, но кога спомна street style фотка, веднаш ми текна на една стара од Кејт Мос во кожна јакна со изразени рамења и тесни ракави. Сега ја побарав на Пинтерест и да, баш би сакала и некој таков модел на јакна во плакар. А кога се работи за кожни јакни општо, скоро секогаш прво ми текнува на нејзиниот поранешен дечко, Џони Деп, и тоа на периодот во 90-ите кога беа пар и на куп папараци фотки носи baggy кожна јакна, со цигара во уста, нормално.

Ј

Да, дефинитивно, Кејт Мос прво, па потоа Каролин де Мегре, па на крај еден едиторијал со Наташа Поли за Vogue Spain од 2011, фоткан од мојот омилен Лахлан Бејли. Имаш неограничен буџет и сите кожни јакни во светот ти се на располагање. Што би одбрала?


 

В

Најверојатно баш таа на Balmain на Кејт (фала за ова инфо!). Сигурно е знак тоа што после сите овие години уште помислувам на неа. Ти?

Ј

Уф, има многу. Покрај таа на Кејт од ерата на Кристоф Декарнен за Balmain што ја зборуваш и ти, би сакала да ја имам и кожната јакна на Рикардо за Givenchy circa 2007 со огромни златни нитни што ја носеше Мери-Кејт, just for fun. Кога сме кај нитни, би сакала да ја имам и оваа што ја носеше Сиена Милер на Met Gala, дизајнирана од Кристофер Бејли за Burberry. И за крај, може по нешто од Acne Studios, Anine Bing, BLK DNM, All Saints и онаа од Versace FW2020 што ја зборевме по stories. 😉

В

Ииии, да, таа на Сиена е исто лудило. А и таа на Versace, ако веќе сум со неограничен буџет… Се сеќаваш ли како и каде последно ја прошета твојата кожна јакна?

Ј

После подолго време ја облеков сега кога ги правев фоткиве. За да ја освежам, ѝ додадов ланци на рамениците и тој детаљ ми направи да ја засакам уште повеќе. Се надевам дека за брзо ќе можам да ја носам така и надвор од дома… А ти твојата? Btw, како ја одржуваш?

В

Исто, пред некој ден ја облеков на блиц за да ги направам фоткиве. Надвор од дома последен пат ја носев пред неколку месеци кога имавме клима за носење кожна јакна, и тоа со црни фармерки и црна маичка. Откако е купена, само еднаш ја поминав со восок за кожа, истиот што го користам за чевли. Повеќе ја сакам кога изгледа старо и износено, па затоа донекаде намерно до сега не се трудев да изгледа како нова колку што е можно подолго. Живеам во тропска клима и влагата досега ми има уништено пар или два чевли, така што си ја научив лекцијата и ја чувам на место што сметам дека барем е недостапно за влагата од бања по туширање (плакарот ми е споен со бањата).

Ј

Интересно, не сум ни помислила на тоа дека влагата може до толку да ја уништи кожата. Јас мојата постојано ја поминувам со средства за нега на кожа и ја чистам одвнатре. Со текот на годините, има впиено многу мириси од носењето деноноќно насекаде па средствата, во комбинација со проветрување, помагаат за тоа. Планирав и да ѝ ја сменам поставата, што мислам дека е исто супер начин да се поднови.

РАСКАЖЕТЕ НИ ЗА ВАШИТЕ КОЖНИ ЈАКНИ НА ИНСТАГРАМ.