КОШУЛИ

Копчињата се суштински за лифтовите. Малку притисок врз нив и започнува патувањето до избраниот кат. Суштински се и за сензуалниот процес на откопчување и закопчување во ритуалот на облекувањето на најкласичните од сите класични парчиња облека. Мхм, зборуваме за кошулите, но и за нивниот потенцијал за изгледи триста.

Кошулите, особено црните и белите, се празни платна кои можат да истрпат речиси сѐ што ќе се фрли врз нив. Магично се соодветни и за плажа и за интервју за работа. Ја прават комбинацијата и кога се носат сами по себе и кога се база за уште некој слој облека. Со закопчување и откопчување нѐ трансформираат од стокмени индивидуи кои знаат што прават во животот во безгрижни боеми кои не размислуваат за утре.

Обожаваме да ги носиме и со ролки, но и со фини прслуци под нив. Ни послужуваат одлично и за со сакоа, но и за со микро сукњи. Вршат работа и кога сакаме да ги носиме со патики, но и кога ги имаме на ум за со најдрските штикли. Комплетно нѐ менуваат кога ќе им додадеме тон ланци или пак нежни обетки. Понекогаш, живееме смело и закопчуваме една кошула со друга, создавајќи ново, недефинирано парче облека. Можностите се бескрајни.

Ако сѐ уште ја барате вистинската кошула, ѕирнете ги овие подолу што ги најдовме за вас. Во меѓувреме, нека ви текне на некоја постоечка кошула од плакарот и на сите неповрзани пригоди за кои ви послужила. Бонус поени ако сте заглавиле во град и сте продолжиле на работа во истата.

ПРОВЕРЕТЕ ГИ ОВИЕ КОШУЛИ

и отворете нови можности за комбинирање на парчињата од вашата колекција.

Ines Atelier

Massimo Dutti

Mona

The Frankie Shop

Jacquemus

Mona

Zara

Maison Margiela