МАЛА ЦРНА ТАШНА, ГОЛЕМА ЦРНА ДУПКА

Терминот „емоционален багаж“ асоцира на масивни, грди куфери полни чувства кои останале напикани и затурени некаде во потсвеста. Ваквите куфери се сѐ само не шик, па не е ни чудно што нивното распакување е толку многу мачно.

Справувањето со сите лоши емоции е неопходно, но тие што одлучиле дека емоционалниот багаж мора да изгледа тешко и грдо, очигледно немале допир со мода.

ЛИФТ теоријата е дека сите чувства, а особено неубавите, можат уредно да се здиплат и да се сместат во фино дизајнирана, мала, компактна ташна. Делува многу полесно да се рефлектира за душевната состојба кога секоја емоција е на дофат на рака.

Ја тестиравме оваа теорија со две мали црни ташни изработени од мека, но цврста кожа која може да го издржи секој психолошки предизвик, зајакнати со бунтовнички хардвер кој дава до знаење дека зад префинетиот изглед се крие опасна содржина.

Што сѐ би сместиле во нашите мали црни ташни…

В

Би ги стуткала сите чувства за кои би сакала да ја имам опцијата да ги носам во безобразно добра ташна со себе наместо во себе, кога веќе нема бегање. Тука се сите каења, чувството на беспомошност во врска со некои работи, баналното преокупирање со „требаше вака или онака“, сеќавањата од ситуации кои, колку и да се обидувам, никако не се бришат од глава и се мала тортура секогаш кога ќе надојдат.

Ј

Колку анксиозност собира во 13 x 16 x 4.5cm? Би додала и малку нервоза предизвикана од секакви ситуации изминативе години, неколку многу реални и многу упорни стравови, сите негативни мисли, „што ако“ ситуации, сомнежи и бескрајни анализи за тоа каде отиде времето и што правам со животот.

Што реално собира во нашите мали црни ташни…

В

Сѐ што е неопходно – телефон, паричник, клучеви и лабело/кармин, влегува без проблем. По потреба успевам да сместам и пасош, мастики или кутија цигари. Во неколку наврати ми има послужено и како diaper bag, така што тврдам дека совршено влегува една пелена и мало пакетче влажни марамчиња, покрај паричник и телефон. Извини, Ив!

Ј

Визит-карта од психијатар хаха! Реално, ми собира сѐ што ми треба: телефон, картичка и лична карта или пасош, нешто за усни, ластик за коса и евентуално некој клуч. Ако одреден предмет не влегува во малите димензии, тогаш реално не ми е неопходен.

Зошто и како си ги одбравме овие мали црни ташни…

В

Ја видов и знаев дека тоа е тоа. Правоаголна форма; штиклирано. Компактност; штиклирано. Изработена од кожа; штиклирано. Ланец како прерамка; штиклирано. Edginess; штиклирано. Ги исполнуваше сите предуслови за мала ташна во која ми се инвестира и знам дека ќе ја убијам од носење.

Ј

Толку многу време си барав добра мини црна ташничка која ќе биде дизајнерска, а нема да чини мал милион евра, што кога ја видов мислам дека слушнав и госпел хор како пее во позадина. Кожата е мека и фина, формата ѝ е компактна и ненаметлива, а златниот хардвер и големата тока се совршените смели завршни детали. Исповед: многу го сакам и фактот дека ја немам видено на ниедна друга девојка досега.

Зошто малите црни ташни имаат толку многу големо влијание во модата…

В

Затоа што се класика. Навидум е едноставен додаток, но изборот на мала црна ташна може да зборува многу за девојката што ја носи. Нормално, има куп ужасни примероци, но тие што се добри се навистина ефектни и се мало колаче што ти виси на рамо.

Ј

Класика и тоа со причина. Малите црни ташни се статусен симбол кој истовремено е и практичен и толку многу естетски. Вистинската ташна може да го издигне и најосновниот изглед на многу повисоко ниво. Според ЛИФТ теоријата, може да послужи и како облека, истовремено собирајќи го целиот емоционален багаж што доаѓа со личноста. Плус, во последниве 10 години, ташните станаа многу повеќе од моден предмет; сега се инвестиција чија вредност постојано расте. Повеќе на темата тука.

Став за монограм ташни…

В

Доброто монограмско лого има потенцијал да функционира и како принт. Saddle bag на Dior е ташна која баш би сакала да ја имам „облечена“ во лого. Ми беа фини и таквите варијанти на Marmont и Dionysus, без лошите апликации, сѐ додека не ги видов на Киара Ферањи или други слични инфлуенсерки и тотално се смени како ги перципирам. Тоа знае да ми биде проблемот со овие ташни, кој сѐ ги носи и на кој сѐ ме потсеќаат.

Ј

Пред да посакам ташна покриена со монограм, мора да сум вљубена во самиот монограм, а таква опсесивна љубов имам прво и основно за YSL монограмот. Не се сеќавам дека сум видела ташна на YSL со монограми пред оваа, но откако ја открив, не престанав да размислувам на неа. Следна на листа ми е конкретнава Fendi Baguette, а на трето место би ја ставила оваа посуптилна мини Dior Saddle Bag. Никогаш не вели никогаш, ама никогаш не би посакала Louis Vuitton монограм ташна, особено некоја како Neverfull или Speedy. Овие ташни секогаш ме асоцираат на basic девојките во САД кои ги носат во комбинација со хеланки и Uggs.

Мала црна ташна од соништата…

В

Сонувам за елегантно шик Chanel baby, а и за некоја ваква винтиџ Fendi Baguette.

Ј

Многу би сакала еден Small Boy на Chanel, The Chain Pouch на Bottega Veneta и Hermès Kelly Pochette како шик инвестиција.

За убаво спакувани емоции, препорачуваме:

MANGO

MANGO

MONA

MONA

MASSIMO DUTTI

BY FAR

VENCZEL

SAINT LAURENT

Покажете ни ги вашите мали црни ташни на Инстаграм!