MI CASA GILARDI ES TU CASA GILARDI

 
CASA GILARDI

Mириса на… комбинација на влажен воздух и пролет.
Звучи како… smooth џез.
На забава таму би носела… Proenza Schouler есен-зима 2020 изглед 32 или Givenchy есен-зима 2020 изглед 34, зависно од тоа дали ми се носи фустан или панталони. Од парфеми, LOEWE 001.
Би пиела… коктел од орчата.
Би ја разгледувала повторно со… Кејт Андервуд и Хајдер Акермен.
 
 

 

Во потрага по инспирација за да почнам со овој текст, наидов на една изјава на Бараган која всушност е рецептот кој не знаев дека ми е потребен токму во овој момент кога и самата сум во процес на уредување на дом. Вели:

 

Сметам дека идеалниот простор мора да содржи елементи на магија, спокој, волшепство и мистерија.

 

 

Casa Gilardi е последниот проект на мексиканскиот архитект и инженер Луис Бараган кој денес, покрај тоа што е дом, е и музеј во Мексико Сити за сите оние кои бараат дела, а не зборови. Во секоја работна задача, Бараган ги спојувал традицијата и природата во логично едно зачинето со спиритуалност и геометрија, кое истовремено делува ново и веќе добро познато. Со оглед на тоа дека за него знам и како архитект ми се допаѓа уште од времето кога можноста некогаш да посетам некој негов објект се чинеше малку нереална, ова искуство беше посебно, интимно и во најмала рака необично.

 

 
Удобно заседнати во голем кожен кауч во дневната соба, мојот водич, син на еден од сопствениците, почна да ми ја раскажува приказната за Casa Gilardi која започнува во 1976 година. Франциско Гиларди и Мартин Луке, и двајцата самци и во своите 20-ти години, побарале од веќе популарниот Бараган да им проектира и изгради куќа која истовремено ќе биде идеална за услужување на идни клиенти и за организирање на забави. Првично, ова за Бараган воопшто не звучело како понуда која не смее да ја одбие, но, за среќа, се премислил и одлучил да ја прифати поради две важни причини. Првата била јакарандата израсната скоро на средината на плацот која претставувала предизвик затоа што било апсолутно забрането да се сече. Втората причина бил базенот на барање на Гиларди и Луке. Останатото било оставено на архитектот и неговата генијалност, и тоа од почеток, т.е. проект на хартија, до крај, т.е. внатрешно уредување.

 
Изненадувањата започнуваат од самата влезна врата која е голема и од масивно дрво, а зад која следи релативно мал небитен ходник. Додека за некои ова е интересна игра од страна на архитектот, за Бараган е едноставен склоп на околности поради практичност – тука се наоѓаат тоалетите за гостите во куќата. Целото приземје е наменето за прием на луѓе, настани и фреквентност така што е просторно и уредено со малку мебел. До базенот и поплочената градина каде се наоѓа дрвото се стигнува преку широк ходник во кој дневната светлина е жолта поради жолтите стакла на прозорите.

 

 
Базенот е целосно затворен и е пример за тоа како Бараган не ги следел класичните правила, туку се водел по сопствената перцепција за хармоничност во просторот. Синиот ѕид во позадина и црвениот ѕид вертикално поставен во базенот создаваат чувство на пријатна прошетка не само низ еден модерно поинаков дом, туку и низ палета на бои. Бараган, освен по специфичниот стил и сопствена архитектонска филозофија, е претпознатлив и по употребата на силни бои која е последица на неговото пријателство со сликарот Хесус Чучо Рејес.

 

 

Пославни од самиот архитект се можеби само неговите розови фасади.

 

 

За разлика од приземјето, првиот кат отсликува приватност. Се состои од две соби исполнети со розово-виолетова дневна светлина поради ѕидовите на малата тераса која ја делат. На ниту едно место во Casa Gilardi нема светлосни тела поставени на таванот бидејќи архитектот одлучил дека нема потреба. Дневната соба гледа кон пространа тераса од другата страна до која се стигнува преку врата со значително помали димензии од стандардните. Бараган сметал дека сѐ додека вратата служи за тоа за кое е наменета, т.е. како премин од еден во друг простор, димензиите не се важни. Уште еден интересен детаљ е тоа што во целата куќа штекерите се поставени ниско на ѕидовите, така што се речиси незабележливи во видното поле, без разлика дали стоите или седите.

 

 
Вториот спрат е приватен простор за семејството Гиларди и е недостапен за посетители, така што си отидов заинтригирана и желна за уште малку повеќе. Добрата вест е тоа што во Мексико Сити постојат уште неколку објекти на Бараган кои се во приватна сопственост, но денес се достапни за јавноста. И едвај чекам да ги истражам сите.