MIES BARCELONA

ПАВИЛЈОН БАРСЕЛОНА

Mириса на… Секогаш модерниот машки парфем Eau Sauvage на Dior
Звучи како… Sade
На забава таму би носела… Или речиси ништо од типот изглед 3 од David Koma Resort 2021 колекцијата, или statement парче со текстури од типот изглед 69 и изглед 90 од Saint Laurent SS 2018 колекцијата, или Belgrade и Trani фустаните на Magda Butrym
Би пиела… џин
Би ја разгледувала повторно со… fashion wife Варја

Отсекогаш ме привлекувале аномалии и исклучоци.

Многу често, нештата кои се навидум наопаку ми се далеку поинтересни од вообичаеното. Кошула закопчана на погрешни копчиња, џемпер облечен обратно, кармин како руменило, сол на чоколадо и сос од сенф и мед се само неколку примери кои ми доаѓаат на ум за работи кои се неочекувани, а функционираат предобро.

Павијлонот БАРСЕЛОНА на Мис ван дер Рое и Лили Раих е уште еден пример за ваква неправилност. И да, свесна сум дека е сосема иронично да го употребам терминот „неправилност“ за објект кој е изграден од прави, најправи линии.

Ќе образложам.

Олицетворението на Минимализмот и Модернизмот се наоѓа сред Барселона, градот на живоста, нередот и извитканите, органски зданија на Гауди, типот чија животна цел, се чини, било да одбегне прави линии по секоја цена. Среде тој општ (но фасцинантен) хаос стои ненаметливата градба со сите нејзини рамни црти, спокојна, чиста и пропорционална, суптилна но, истовремено, неверојатно моќна.

Историјата на павилјонот и енормното влијание што тој го има врз модерната архитектура се восхитувачки, а тоа во најголема мера се должи на неговата совршена естетика во која ништо не е случајно и која е маестрално искомпонирана од неколку клучни елементи.

ЦРН БАЗЕН СО СКУЛПТУРА НА ГЕОРГ КОЛБЕ

Мистериозната скулптура УТРО на Георг Колбе, поставена во внатрешен базен опкружен со мермер и одвоен со стакло, го води окото низ просторот, а нејзините сензуални облини се во интересна дебата со останатите, строго праволиниски, елементи.


ОГРАДЕН, НО ОТВОРЕН ЛИНИСКИ ПЛАН

Совршено обмислените ѕидови се поставени генијално во просторот, издолжувајќи го, ослободувајќи го и создавајќи чувство на чистина, ред и спокој.


ЛУКСУЗНИ МАТЕРИЈАЛИ

Стакло, челик, оникс, травертин и многу, многу мермер се материјали кои не можеле да бидат одбрани посоодветно.


ЕПСКА ПАЛЕТА НА БОИ

Неутрални нијанси, црно и метали во комбинација со зелен и сино-зелен мермер, оникс во топли, златно-окер, земјени тонови и…


ЦРВЕНА КАДИФЕНА ЗАВЕСА

Неочекувано изненадување кое и тоа како функционира во просторот.

И НА КРАЈ… МЕБЕЛ СО КУЛТЕН СТАТУС

Култен не е доволно силен збор за статусот на столицата БАРСЕЛОНА. Оваа модерна икона на мебелот е илустративен пример за тоа како едноставни, софистицирани материјали во префинети, поетични пропорции можат физички и спиритуално да издигнат одреден простор.

Направена специјално за павилјонот во 1929 година, столицата станува толку многу монументална што сѐ уште се произведува и денес и е сон на секој човек кому естетиката му е приоритет.

Ја сакам! Премногу! Се надевам дека некогаш, некако ќе можам да ја имам, па макар и да стои сама како скулптура во четири бели ѕидови.