Нормала, не, фала!

По скоро три месеци изолација, многу е тешко да се замисли враќање во нормала или нешто налик на тоа во блиска иднина. Во очаен обид да балансираме помеѓу добри и лоши мисли периодов, кој се чини трае веќе години, наместо да се фокусираме на тоа што ни недостига, се фокусираме на тоа што НЕ ни недостига од монотоното секојдневие.

 

ПРАЗНИ МУАБЕТИ

В

На овој детаљ ме потсети видеово во кое си разговараат Ками Шерие и Леандра Медин за тоа како си поминуваат во изолација и некаде во текот на разговорот и двете елаборираат за тоа како им недостига small talk. Како што течеше тој дел од разговорот, сфатив дека тоа е нешто што во никој случај не ми фали. Всушност, фала изолацијо за тоа што ме поштедуваш од такви ситуации кои цел живот ми се стресни затоа што не умеам да се снајдам, а кои само придонеле до тоа луѓето да ме перципираат како незаинтересирана, ладна, па дури и арогантна. Дома нема околности за социјална нелагодност, така што досега во поглед на тоа сѐ е во ред.

Ј

Сосема се согласувам и сосема исто се чувствувам. Повеќе од половина живот учев да глумам дека се снаоѓам во празен муабет и ме фасцинираат луѓе што можат да си разговараат со кој било за што било, вклучувајќи ги и најбаналните работи. Како интроверт и човек со блага социјална анксиозност ми треба време сама со себе за да си ја вратам енергијата после секоја дружба, настан или ситуација во која има зборување и зборување за сѐ нешто.

 

НЕМАЊЕ ДОВОЛНО ВРЕМЕ И ГУБЕЊЕ ВРЕМЕ НЕПОТРЕБНО

В

Немањето доволно време претходно не ми беше реален проблем, но второто отсекогаш ме нервирало. И тука мислам на изгубеното време во сообраќај, во колона кога го земам детето од школо, во редици на шалтер, на фризер, па и времето поминато по аеродроми и летови кое на почетокот ми недостигаше како дел од процесот на патување, но кога ќе размислам е исто ужасно многу непотребно изгубено време.

Ј

Со сите обврски и со две паралелни работи, немањето доволно време ми е реалност со години. Реалност ми се и сите последици од тоа: burn-out, стрес, недоволно спиење, анксиозност, проблеми со видот од часови поминати пред компјутери, паѓање на имунитет, стресни наместо релаксирачки викенди, недостаток од одмори и патувања, и многу други пропуштени работи. Кога човек нема време, губењето време на непотребни работи му паѓа уште потешко. Успорениов живот е добар за моето здравје.

АЛАРМ ВO СЕДУМ

Ј

И овие три месеци се будам со аларм, но не и со стресот кој тој иритирачки звук вообичаено ми го создава. Алармот ми е сега најава за почеток на нов ден, а не панична сирена која ме растревожува и ме потсетува на сите обврски што ме чекаат.

В

Немам наместено аларм одамна и никако не ми фали. Анксиозноста периодов знае да ме разбуди и пред 6, ама тоа е друга приказна. И без аларм сум лош спијач, така што сосема можам без тоа штрецање рано наутро.

 

РАСПРАВАЊЕ СО НЕРВОЗНИ ЛУЃЕ

Ј

Не ми недостига константната напнатост на нашето општество. Не ми фали „постадминистративното“ стресно нарушување кое ми активира флешбекови од некоја мината ситуација на шалтер, каса или во канцеларија. Сите водиме свои битки во животот кои никако не треба да бидат изговор за истурање нервоза на луѓе кои пробуваат да завршат вообичаена работа.

В

Не ми недостигаат нервозни испади, не ми недостига дрскост, не ми недостига невоспитаност. Не ми недостигаат инцидентчиња и третман од тој тип низ кои морам да поминам ни крива ни должна.

 

ЈАВНИ ТОАЛЕТИ

Ј

Ми се крева косата на глава од самата помисла на јавен тоалет. Тие два збора веќе никако не можам да ги спојам заедно. Пред некој ден ми влета оваа кампања на Alexander Wang од 2014-та фотографирана во јавен тоалет и сѐ што си мислев беше: бљаааак.

В

Знам на што мислиш. Од сите јавни површини и пред, а особено за време и после пандемија, јавните тоалети ми се можеби најјезивото нешто што постои.

СРЕДЕНА КОСА

Ј

Некои девојки имаат мека, права коса која е синоним за терминот пери-носи. Јас дефинитивно не сум една од нив. Мојата сува, frizzy коса бара регенератор, хидратантен спреј и масло само за да биде нешто приближно до мека. Да не зборуваме за секојдневното користење на преси и фигара за да биде доведена во ред. Не сакам ни да навлегувам во времето изгубено на фризер во фарбање, шатирање и константно разочарување од добиената нијанса. Овие три месеци максимум што ја имам измалтретирано косата е тоа што ја имам исушено со фен и мислам дека ми е многу благодарна.

В

Bad hair days цел живот решавам по кратка постапка со собирање на косата. Ама се фарбам и најмалку на три недели морам да одам во салон затоа што одбивам да шетам со несреден корен. Со мојава густа коса тоа е цела процедура од неколку часа и навистина го ценам фактот што веќе три месеци не губам време во тоа.

 

ПРИТИСОК ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ КОГА СИ ИНТРОВЕРТ

В

Замисли излегување под притисок во текот на кое се очекува да водиш празни муабети… Смрт! Не ми недостига таквото форсирање.

Ј

Притисокот за излегување е контрапродуктивен за интровертите. Кога по природа си затворен во себе, повремено е многу тешко да си отворен спрема другите. Би го споредила со чувството на носење еден број помали (но предобри!) чизми купени зошто ептен, ама ептен сакаше да ги имаш. Те стега нешто одвнатре и не е ни малку пријатно.

 

НЕРЕДОВНИ ОБРОЦИ

В

Чао импровизирани оброци по импровизиран распоред! Затворена дома немам повеќе изговор за такво однесување и се хранам понормално и поредовно и мисија ќе ми биде тоа и по оваа состојба да не се промени.

Ј

Чао потпросечни оброци купени некаде надвор по пат. Чао лоши салати со тон исушена марула и пола чери доматче. Здраво редовна, квалитетна исхрана. Ритуалот на спремање храна и тоа како добро ми доаѓа.

НОСЕЊЕ ПРСЛУК

Ј

Ти текнува на она чувство кога ќе си дојдеш дома после цел ден надвор и ќе го извадиш прслукот? Ни мене. Три месеци без затворот за гради, три месеци слобода и удобност. Колку и да сакам фина долна облека, чувството на гребење и стегање апсолутно не ми фали. Ако работев во поинаква средина, немаше да носам прслук никогаш.

В

Исто! Три месеци различно дишам без прслук во припиени, но удобни „рамбовки“ затоа што сепак сакам да е сѐ на свое место. Ако еден ден пишуваме текст за тоа што ни недостига од карантиските денови, оваа слобода би ја ставила на врвот на таа листа.

 

НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЛИЧЕН ПРОСТОР

В

Ме вади од такт кога некој непознат не ми го почитува личниот простор, па ми дише во врат, ми гледа во телефон и едноставно стои премногу блиску до мене. Дома е најбезбедно од таквите луѓе.

Ј

Ооо да. Познато ми е дистанцирањето уште пред да биде препорака за заштита.

 

МИРИС НА ЦИГАРИ

В

Можеби е контрадикторно затоа што сум social smoker кога излегувам и не ми пречи мирис на цигари на отворено, но мразам кога ќе се вратам од излегување во затворен простор во облак од чад од цигари и со чувство на комплетно затнати бели дробови како сама да сум испушила три кутии наместо пола. Не ми недостигаат ниту моите, ниту туѓите пушачки навики.

Ј

Коса и облека со мирис на цигари ми се меѓу погадните работи поврзани со излегување. Како непушач, во простор во кој се пуши, пасивно вдишувам толку многу чад што најверојатно се чувствувам полошо и од пушачите кои живеат со таа навика. Џабе здрава одлука во нездрава средина.

 

Што НЕ ви недостига вам? Раскажете ни на Instagram.