ОНЛАЈН ШОПИНГ.DOC

Годината е 2021 и пандемијата тукушто ни ја сервираше четвртата сезона. Сме гледале многу лоши серии, но ниедна толку катастрофална како оваа. Воопшто не сме возбудени да видиме како ќе се разврзува ова сценарио понатаму и се прашуваме зошто нема некој магичен начин да се откаже и да преминеме на нови животни епизоди.

Додека си чекаме, сакавме да позборуваме со вас за тоа дали и колку ви е сменета врската со модата и онлајн шопингот после 18 месеци поминати во седење дома повеќе од кога било. Нам дефинитивно ни е, колку и да не сакаме да си признаеме.

Идејата за овој разговор со вас се наметна од една мисла што постојано нѐ прогонува: дали модата е доволна сама по себе и во вакви вонредни услови, или пак ѝ се потребни фини места, добри поводи и силни визуелни причини за да блесне во полн сјај?

Генерално, овие 18 месеци, вредноста на облеката и модните додатоци се сведе повеќе на удобност, а многу помалку на естетика. Купувањето мода, претежно онлајн, го користиме за разонода, за бегство од реалноста и како катализатор на надеж за подобри времиња. Без повод за носење, добриот фустан се чини дека е само заборавено парче материјал на закачалка во длабочините на плакарот. Саканите сандали, пак, како да ни се потсмеваат за времињата кога се тетеравевме качени на нив во диско во минатиот живот. „Немам што да носам“ е заменето со „немам каде да носам“.

Кога ќе дојде време, ќе ѝ се одмаздиме на пандемијата за сите забавни моменти што ни ги одзема и за сите неизносени парчиња облека. Во меѓувреме, дознавме интересни работи од вас за целава оваа тематика во анкетата што ја спроведовме на нашиот Инстаграм.

Најголем дел од вас, дури 91%, купуваат онлајн, подеднакво многу и на македонски и на странски веб-страници. На 59% од вас пандемијата не ви влијаела да намалите со шопинг и во просек сте се почестиле со 10-20 парчиња облека и модни додатоци.

Дури 72% од вас повеќе купуваат облека отколку козметика онлајн. Сакате да си пазарите на веб-страници наспроти социјални мрежи, и многу ви влијае политиката на враќање на одлуката да си нарачате нешто онлајн. Вообичаено, трошите помалку од 3000 денари на една онлајн нарачка.

Се чини дека воопшто не сте фанови на облека од втора рака и дури 82% од вас купуваат стриктно нови парчиња. Исто така, за жал, само 36% од вас купуваат домашни дизајнери онлајн, но тука се провлекува прашањето колку на ваквата пракса влијае тоа што само дел од локалните дизајнери продаваат готови парчиња облека на интернет.

Иако инфлуенсерите постојано се буткаат како најважните генератори на продажба, вашите одговори го кажуваат сосема спротивното. Само дел од вас се одлучуваат да купат нешто под влијание на влијателните, а најголемиот дел си истражуваат сами со пребарување на Гугл, листање веб-страници и читање рецензии.

Стигнавме и до уште еден клучен момент. При купување онлајн, на многу голем дел од вас ви е важна цената на испораката, особено за странски веб-страници. Бидејќи и самите често се мачиме со пресметки на трошоци за испорака, царина и даноци при нарачки од странство, консултиравме пријател кој е експерт за тематиката и ви спремивме краток водич за облека, чевли, накит и ташни.

Прво, треба да го знаете следново…

Пратките чија вкупна вредност заедно со цената на испораката не надминува 22 евра, се ослободени од плаќање на царински давачки и ДДВ.

Пратките чија вкупна вредност заедно со цената на испораката е од 22 до 90 евра, се ослободени од плаќање царински давачки, но подлежат на плаќање ДДВ од 18%.

Пратките чија вредност заедно со цената на испораката надминува 90 евра, подлежат на плаќање и на царински давачки и на ДДВ од 18%.

Второ, треба да ги знаете генералните царински давачки…

Облека: 17.5% царински давачки + 18% ДДВ
Чевли: 25% царински давачки + 18% ДДВ
Накит: 15% царински давачки + 18% ДДВ
Ташни: 12.5-20% царински давачки, зависно од материјалот + 18% ДДВ

Целата листа на царински давачки е достапна во Водичот за царинење на стоки.

Трето, треба да знаете како правилно да ги пресметате давачките…

Доколку нарачате парче облека кое чини 100 евра, а цената на испораката е 10 евра, вашите давачки се пресметуваат на вкупната сума од 110 евра.

На тие 110 евра, првин се пресметуваат царинските давачки од 17.5% за облека. Во случајов, тоа изнесува околу 19 евра.

Потоа, на вкупната сума од вредноста на нарачката (110 евра) и царинските давачки (19 евра), значи 129 евра, се пресметува 18% ДДВ. Во случајов, тоа изнесува околу 23 евра.

Значи, вкупните давачки за нарачка од 110 евра изнесуваат околу 42 евра, односно 19 евра царински давачки и 23 евра ДДВ.

Доколку, пак, нарачате чевли кои чинат 100 евра, а цената на испораката е 10 евра, вашите давачки пресметани на вкупната сума од 110 евра ќе бидат повисоки поради тоа што царинските давачки за чевли се 25% наспроти 17.5% за облека.

Уште нешто…

Доколку веб-страницата од која нарачувате испорачува преку DHL, ќе имате дополнителен трошок од 1593 денари за услугата на DHL, која вклучува магацински трошок и авансно плаќање на царински давачки во име на примателот.

За крај…

Сè што можеме да ви кажеме за онлајн нарачки од странство во Македонија е: СРЕЌНО.