ПОТРАГА ПО МОДНО БОГАТСТВО (ИЛИ ЗОШТО ОБОЖАВАМ ПАЗАРИ ЗА АНТИКВИТЕТИ)

Пред отприлика една деценија, одржливата мода беше прашање на избор и животен стил; нешто слично на веганството, рециклирањето и употребата на точак или јавен превоз наместо кола. Денес, со оглед на еколошката реалност во која живееме, сите наведени се промена која ни треба сега, веднаш.

 

 

Многу сакам мода и позната ми е филозофијата “Buy now or cry later” затоа што сум ја користела како изговор кога навистина сакам нешто иако најверојатно можам и без него. Познато ми е импулсивното купување. Затоа последниве неколку години размислувам добро пред да тргнам на каса или да кликнам Check out. Последниве неколку години си створив и ново хоби со кое случајно станав поддржувач на одржливата мода. Ги открив пазарите за антиквитети и сега ги посетувам во секоја можна прилика со една конкретна цел: потрага по модно богатство.

 

 

Искуството е возбудливо затоа што никогаш не знаеш на што ќе налеташ. Еднаш читав купче љубовни писма од 1920-ите и најдов прекрасни винтиџ кожни ракавици на Christian Lacroix. Често откривам парчиња мебел во одлична состојба кои ми остануваат на списокот на работи што ги посакувам затоа што не можам да ги понесам со себе. Имам многу среќа со модни додатоци, особено накит.

На еден мал пазар кој се формира секоја недела во паркот Dr. Ignacio Chavez во Мексико Сити, си купив две мали ташни за кои претпоставувам дека датираат некаде од 1950-ите години. Беа љубов на прв поглед и не можев да престанам да замислувам на какви елегантни коктел забави биле носени, со какви фустани и кои биле нивните сопственички. Околу година дена покасно, на истиот пазар, си купив ланче и обетки и чувството беше слично. Самите предмети имаат повеќе шарм кога позади нив постои некаква приказна и без да ја знам.

 

 

Во контекст на мода, најпознатиот пазар од ваков тип во Париз, Marché Vernaison, има посебна секција со продавници за винтиџ дизајнерски парчиња. Chanel твид сакоа и чевли дизајнирани од Коко Шанел, Paco Rabanne метални мини фустани дизајнирани од Франциско Рабанеда Куерво, па дури и ретки парчиња од непреболените години на Том Форд во Gucci, you name it, they probably have it. Претежно се работи за колекционерски предмети, но се случува да се најдат работи што се носиви.

Скоро секоја голема метропола има барем еден добар пазар за антиквитети, така што секое патување со лабава агенда е совршена прилика за едно вакво освежување на плакарот. Дури и кога си одам со празни раце, овие прошетки не ми се изгубено време затоа што ми ја задоволуваат љубопитноста и никогаш не ми е досадно. Во меѓувреме, позајмувам бели маици од партнерот.