Торнадо еделвајс Ивана Павлаковиќ

Без разлика дали претскажува судбини како мрачно-заводлива Шекспирова вештерка, игра еротски игри како џебна Венера со куклени очи, нѐ забавува на српски во „Реалисти“, ни го позајмува вокалот за Instagram приказни на @liftlift.mk, или пак живее некој сосема трет живот, Ивана Павлаковиќ има магнетна појава која доминира и на сцената и на екраните и во реалноста.

Со континуирана експлозија на талент, лице кое нема шанси да здосади, глас створен за нарација на краткометражен љубовен филм и куп други атрибути својствени за една безвременска актерска ѕвезда, Ивана постојано нѐ маѓепсува и нас и публиката.

Во ЛИФТ со Ивана, работиме на совршена дикција и водиме занесен, автентичен разговор во пишан и аудио формат за стимулација на што повеќе сетила.

Q

Зошто глума? Кога сфати дека тоа е твојата професија?

A

Затоа што е живот. Непрекината метаморфоза. Во еден момент си торнадо, еделвајс, некогаш камен, лебед, хиена, во трет змија која менува кожа и гордо почнува да хара по нов, неоткриен пат. Ствараш и непрекинато градиш и рушиш светови, почнуваш револуции… Некогаш многу те боли и пече, ти пара утроба и ти се повраќа, некогаш не прекинуваш да се смееш, да сакаш и да се радуваш. Сето тоа заедно раѓа едно невидливо „patchwork“ платно од измешани емоции кое длабоко го зашиваш и носиш во себе. Не постои боље чувство од она кога веруваш дека можеш да го смениш светот за 2, 3, 5 часа. Ако барем кај двајца од публика разбудиш некое чувство или дадеш некаков одговор – тоа е тоа. Нешто слично како ефектот на пеперутката. Една голема смисла за сѐ.

Q

Со кој ти е сон да делиш сцена?

A

Со одговорни партнери кои искрено веруваат во она кое го работиме и кои знаат зошто се на сцена, со кои имаме што да си раскажеме и да се разбереме људски, на наш јазик. Со оние со кои и после 100-тата, 200-тата изведба ќе нѐ мачат истите дилеми, можеби ќе пловиме на различни бродови, но сепак ќе си веруваме дека е од прв пат.

Q

Која улога ја посакуваш и еден ден едноставно мораш да ја одиграш? Зошто ти е толку посебна?

A

Може да кажам дека ми е страв да го одговорам ова прашање? Да не искочи како онаа народнана „Сакај нешто, па баш тоа ќе ти скрши глава“. Глумата за мене е некој облик на психотерапија, некоја врста на внатрешно чистење, односно копање по самите себе. Сите ние луѓе сме од, ајде да речеме, истиот извор. Секој човек од овие 6-7 милијарди колку што сме на овој свет, може да го пронајде во себе тој до него, односно постои точка во којашто ние се преклапаме. Сите ние имаме исти или слични стремења, стравови, имаме желба да бидеме сакани, прифатени, успешни. Сите ние плачеме, патиме, се радуваме, сакаме… На некој начин сите луѓе во некоја точка се поклопуваат. Кога градам некој лик, прво морам да го најдам во себе и потребно ми е да го осетам и да го препознаам пред да земам да го играм. Сметам дека само што сум почнала, односно секоја година кога си правам некоја ретроспектива во глава си викам „Мхм, океј, тек сега почна“. И стварно мислам дека е така. Има плејада на фантастични улоги, дали машки, дали женски, бидејќи, еве, кога се запишав на Академија многу сакав да играм машки улоги. Влегов со Клаус, со „Диво месо“. Можда еден Зганарел би било фино некогаш да изиграм, плус да ми се напраи кејфот од таа точка, ама мислам дека секоја улога што стварно ќе ме р’чне во утроба и којашто ќе ме натера да ѝ верувам доволно, да си веруваме една на друга, ќе биде таа правата, без разлика колку да е блиска или да е тотален контраст на мене.

Q

Како изгледа денот пред премиера и ноќта по премиера?

A

Ивана е една лујка на ден на премиера што „ништо не знае“ дур не стапне на сцена. Зависи во која фаза сум, иако додека го куцам одговоров го имам она внатрешно, измешано чувство кое не може да се долови сѐ додека не излезам на сцена – местото кај што вечерта се раѓа еден нов живот на она кое со месеци сме го стварале и носеле. Како мајка кога раѓа бебе. После премиера го сакам мојот интимен, штама момент сама со себе во гримиорна кој знае да си потрае. Многу ми е битно да си го премерам товарот на грбот и да направам чистка во глава. Ако боли и пецка, викам „шуќур, добро е“. Зошто нема друг начин.

Q

Дали имаш некој мал ритуал пред претстава?

A

Немам некој точен рецепт, некоја точна формула за споделување, па не би да направам некоја ујдурма во нечија туѓа кујна.

Q

Доколку единствениот критериум е костимографијата, која одиграна претстава до сега ти е омилена? Што носеше?

A

Верувам дека соголеното тело на сцена, под чија кожа се крие еден цел свет, кога го има на себе правилниот костим (дури и кога молчи на сцена), тој говори сам по себе многу за ликот. Некогаш деталите како едно копче или дошиен џеб знаат да ја направат цела магија. „Венера во крзно“ за мене е исклучително битна претстава за мојот развој, во која менував 3 костими постојано, секој посебен на свој начин, наизглед тешки за игра, но толку удобни за мене како пижами по дома на дождлив ден. Всушност, тоа е и поентата на добриот костим, да биде скроз твој. Многу внимателно се бираше низ цел процес од долната облека која се носи, сѐ до исчупаниот чадор со точки. Еден вистински контраст на костими какви што налагаше самиот лик, независно дали сум Венера, Ванда или Афродита. Носев одличен црн долен веш, над кој имам кратки топ и сукња од скај кои постојано се облакаат, соблакаат и фрлаат у воздух инспирирани од мазохизмот кој прв пат како термин е создаден од самиот автор на времето, една зелена ѓубретарка и еден велелепен бел фустан од 19-ти век кој е вистински предизвик да се игра зошто самиот по себе си повлекува посебен начин на движење и доза на грациозност. Сѐ на сѐ – еден тотално луд и многу компактен спој. Не можам да не го спомнам и костимот на вештерката од „Макбет“, еден корсет полн со скршени огледала кои блештат силно и оддаваат рефлексија, кои сами по себе се толку убави, кршливи и опасни како и самиот лик.

Q

Како работиш на себе, физички и ментално?

A

Пробувам да ја одржувам мојата ментална хигиена чиста преку постојано истражување, преиспитување, квалитетни дела, патувања, празен базен и трка сама со себе сѐ дур не снемам воздух од умор, пешачење и добра музика. Посебните луѓе во мојот живот чии дискусии, емпатија и поглед ми даваат голема смисла ми се ислучително драги и носат посебен сјај и љубов во себе. Не би можела без нив.

Q

Во кој град секогаш сакаш да се враќаш?

A

Една мала клупа во дворот во музејот на Роден во Париз и тесните улици во Барселона. Токио и Њујорк уште ги сонувам.

Q

Кое парче облека никогаш не би го ставила на себе?

A

Kако беше она клишено – никад не викај никад… Во театар би ставила сѐ доколку е издржано за ликот, а приватно никад не би ставила нешто што ќе направи да личам како наконтена и пролупана света крава.

Q

Како одбираш што да носиш на премиери, фестивали и други филмски настани?

A

До сега имам соработувано само со Јована Филиповиќ и ептен ми е ќејф за тоа, сметам дека многу добро се контаме една со друга. Многу ми е битно секогаш да носам нешто кое ја истакнува мојата персона.

Q

Зошто, според тебе, не гледаме доволно македонски глумци во странски проекти?

A

За жал, зошто сѐ уште сме на некој начин затворени за светот иако ме радува фактот дека има одредени изблици во последно време. Ние во нашава земја немаме агенти. Немаме некој што ќе застане позади тебе како поединец и ќе трча постојано по фестивали и состаноци да го нуди твоето CV и гордо да го претставува твојот труд. Најчесто сѐ правиме сами, преку онлајн кастинзи кои не се така чести, за жал. Голема е невработеноста кај младите глумци и немањето финансии за сами да си вадиме визи и да трчаме по кастинзи некаде по бели свет. А имаме фантастични таленти.

Q

Дали се разликува работата со режисери наспроти работата со режисерки?

A

Не сметам дека треба да ги двојам, секој човек е посебен свет сам за себе. Битно ми е да збориме на ист јазик, да ми дадат слобода во креирање на ликот и да ме натераат да се нурнам во невозможното. Сепак, ме радува фактот што во мојата досегашна работа подеднакво се застапени, што не било случај до пред 10-ина години, за жал, кога на голема врата биле само режисерите. Така дааа, go girls!

Q

Кои, според тебе, се најдобрите македонски претстави на сите времиња?

A

„Балканот не е мртов“ на Ацо Поповски, „Брод за кукли“ на Нела Витошевиќ, „Друга страна“ на Слободан Унковски и „Животот на Молиер“ на Ацо Поповски. Овие претстави мене ме поттикнале да се занимавам со она што највеќе го сакам. Драгоцен е моментот кога фанатично си внесен во вртлог додека трае претставата, а после тоа сакаш само да си поќутиш. Зошто си се разбрал доволно добро со оние на сцена.

Q

А филмови?

A

„Some Like It Hot“, „The Big Sleep“, „La Strada“, „The Apartment“, „The Conformist“, „Misterije Organizma“, „Lost In Translation“, „There Will Be Blood“, „Mаgnolia“, „Chungking Express“… ook, прекинувам. :)))

Q

Од твојот Instagram, знаеме дека сакаш поезија. На кои стихови постојано им се навраќаш?

A

Интимноста на сцена или вторите шанси пред камера? Интимноста на сцена
Дијалог или монолог? Дијалог
Под рефлектор или на свеќа? Рефлектор
Гласно или тивко? Тивко
„Македонска крвава свадба“ или „Сон на летната ноќ“? „Сон на летната ноќ“
Памук или кожа? Кожа
Капут или бикини? Бикини под капут
Пофалби од критичарите или љубов од публиката? Љубов од публиката
Реалност или соништа? Комбо снова
На кино или на театар? Легитимен туц-муц момент имам сега
Бродвеј или Холивуд? Туц-муц х2
Мјузикл или хорор? Хорор
Кафе или чај? Кафе
Златен или сребрен накит? Сребрен
Чоколадо или ванила? Ванила
Виски или шампањ? Виски
Бенд или диџеј? Бенд
Легнување во 5 или станување во 7? Легнување во 5

Дружењето со луѓе од театарската фела… е сјајно и на моменти неописиво добро кога си со правите луѓе. Брчки за кои во живот не би се каела.

По долга и напорна проба, ми треба… мирна глава и пешачење, а некогаш пијачка и долги дискусии кои знаат да нѐ разденат со дел од екипата.

На Скопје му недостига… минута молк. Ок. Мудро да си го гради патот пред себе. И да настојува безмилосно да си го зачува достоинството кое се надевам му останало, зошто сѐ уште нѐ има нас, вечните сањари со коњски инает кои пуно го сакаме и тивко, редовно ја пееме во нас „Градот убав пак ќе никне”. А лицето на градот на крај на ден го прават убавите и мудри луѓе кои се борат за него.

Не можам да заспијам без… неизбежните ритуали и тинтрања, како и милијардата табови во глава преку кои правам ретроспектива на денот.

На оскаровски црвен тепих би носела… YSL.

Би одбила улога поради… непрофесионализам еднаков на дилетантизам или дегутантно, неписмено сценарио.

Во биографски филм би сакала да ме игра… Милена Дравиќ.

Филм кој можам да го гледам сто пати е… „The Apartment“ на Били Вајлдер.

Кога ќе го слушнам зборот „мода“, веднаш ми текнува на… кацига, четка за заби, крема и едно долго патување, со мал милион тесни, широки, непознати улици кои секогаш носат нова инспирација кога ги откриваш.

Најдрагоценото нешто што го поседувам е… личниот став, немањето страв од слободен пад, непрекинатата верба во правите вредности и во магијата на цветот еделвајс. Има и зошто. :)))

При рака секогаш имам… цел и емоционален багаж кој гордо го носам со себе.

Најзгоден македонски или светски актер на сите времиња е… да останам коректна бидејќи нашата татковина е светска земја и велесила – Ален Делон и Марлон Брандо се ауч. А од младиве ќе кажам само „Alright, alright, alright” – Метју Меконахи.

Македонска или светска актерка која би сакала да ми биде ментор… понесена од претходниот одговор – Лорен Бекол.

Љубовните сцени се… ако се искрени и тачно уденати – возбудливи се како моментот на исчекување кога гејшата го крева ракавот на скапоценото свилено кимоно за да го открие својот зглоб и кожа, како знак на одобрување (a додека ги правиш се смешни и на момент непријатни). Што би рекле од литература: „Моја машта ради свашта“. :)))

Најомилената реплика на сите времиња ми е…
„Цел живот во еден ден“ – Дејан Дуковски, „Балканот не е мртов“.