ВЛЕГУВА МЕДУЗА ВО ЛИФТ…

…И ПРИТИСКА „Д“ ЗА ДИСКУСИЈА.

ОВАА СЕРИЈА СМЕЛИ РАЗГОВОРИ ВО ЛИФТ Е ПОТТИКНАТА ОД ПРИВАТНИ ПРЕПИСКИ НА ТЕМА МОДА, УБАВИНА И ФЕМИНИЗАМ, ЗА КОИ МОРА ДА СЕ ДИСКУТИРА ЈАВНО И ТОА СЕГА. ВО ПОХОДОВ, ЗДРУЖУВАМЕ СИЛИ СО КАЛИА И ЕНА ОД ФЕМИНИСТИЧКАТА ПЛАТФОРМА „МЕДУЗА“ И ДУПЛИРАМЕ БРОЈ НА ПИПАЛА ЗА ДА ПРИТИСНЕМЕ ШТО ПОВЕЌЕ КОПЧИЊА.

Со оглед на тоа што нема најзначајна или најбезначајна тема во модата, убавината и феминизмот, почнуваме директно од средината и разговараме за инклузивноста (и/или недостаток од истата) во овие индустрии. Инклузивноста подразбира славење на разноликоста, вклучување на сите типови на индивидуи во конкретната општествена сфера и нивно третирање на еднаков начин.

Историски, модата и убавината се катастрофални по ова прашање. До скоро, овие моќни индустрии целосно запоставуваа различности, особено оние по расна, културолошка и физичка основа. На пример, Наоми Кемпбел е модна икона од 1990-тите, но на секоја една Наоми ангажирана за ревија има десетици Кејт Мос. Дополнително, сè до 2019 година и кампањата на NARS, Наоми никогаш не била заштитно лице на козметички бренд. Да, никогаш! Години подоцна, се забележува напредок, но кога ќе има целосна рамноправност на повидок?

Недостатокот на инклузивност продолжува и во поглед на физичкиот изглед. Каде беа сите тие обични, различни, нормални тела во модата што ги имаме и самите ние и ги гледаме секојдневно? До пред само десеттина години, беше речиси невозможно на насловна страна на модно списание да се види девојка која не пасува во „шаблонот“ за модел: висока, слаба, со предефинирани пропорции, стакло-рамен стомак, долги нозе и Б големина на градник. Уште попоразително е тоа што тело што не соодветствува со горенаведените параметри ретко можеше да се види и низ страниците внатре. На ревии и во модни кампањи, ни под разно.

Слична е ситуацијата и во индустријата за убавина. Во најголем дел од кампањите, без разлика на тоа кој реално ги користи пудрите, кармините, фарбите за коса, парфемите, или останатите продукти што се рекламираат, на фотографиите упорно гледавме убави, бели девојки.

Списанијата и кампањите на страна, модата и убавината инсистираат да бидат дел од нашите животи секој пат кога ќе се погледнеме во огледало и секој пат кога треба да излеземе од дома.

Сите четири имаме израснато со наметнатата слика за „идеално“ тело и кожа и често се прашуваме дали и колку сме условени и како тоа влијае на нашите животи. Факт е дека ја имаме среќата да живееме во време кога има реални промени поттикати од години и години активизам и се радуваме за тоа. Мило ни е што почнуваме да гледаме секакви тела во индустријата за мода и секакви лица во индустријата за убавина, но за некои работи сè уште не сме на чисто, особено како сето ова влијае на нашиот феминизам.

Дали индустриите за мода и убавина, кои очигледно имаат голем проблем со инклузивност и кои се познати по сервирање нереални стандарди за физичкиот изглед можат да бидат вистински феминистички? Дали љубовта спрема овие индустрии значи и негирање на личниот феминизам?

ДИСКУТИРАМЕ.

Q

Сакаме мода и убавина, уживаме во козметика и работиме на нашиот физички изглед. Дали тоа што имаме страст за облека и добра шминка и сакаме да изгледаме на одреден начин нè прави помалку феминисти?

КАЛИА

Растена сум во семејство со доминантно женски фигури (баба ми до ден денес си прави маски за лице, креми и маски за коса). Ритуалите за разубавување и нега, играње концерти и ревии на паркет во дневна, религиозно пратење на FаshionTV и MTV, се инхерентен дел од мојот идентитет и маркираат прекрасни моменти од моето растење и не би ги заменила за ништо. Од друга страна, свесна сум колку моето растење и постанување жена биле под влијание на мизогината култура. Јасно ми е и колку тие моменти и правила на поприлично ограничен начин ме насочувале кон тоа што значи да се биде жена – правила против кои почнав наивно да се бунтувам кога се среќавав со феминизмот за првпат, сè додека не сфатив дека гневот и бунтот ми се лоцирани на грешно место. Многу од нештата кои ги практикуваме се директен продукт на патријархален и угнетувачки систем, но исто така, верувам дека многу од тие пракси кои ни се наметнати имаме моќ да ги преземеме како наши, па во одредени контексти можат баш да бидат омоќувачки, доколку активно работиме на нивно дисекцирање (некогаш сакам да изгледам хипер-женствено, а некогаш токму обратно). Да се инсистира на некој „неутрален“ или класично сфатен „маскулинистички“ изглед и појава, со цел вклопување и докажување на посветеноста кон феминизмот е проблематично и смешно. Зошто изразената женственост да се гледа како пониска вредност, како презентација на несериозност, на потчинетост и кревкост? Зошто жената би требало да го комформира својот изглед да се вклопи во средината? Доколку една од водечките вредности на феминизмот е просторот, правото и слободата на избор, тогаш зошто моите вредности, идеали и борби повторно би биле оценети според патријархални стандарди и сведени на мојот физички изглед, кој во голема мера е начинот на кој јас решавам да се претставам себеси пред светот?

ЕНА

Осудата и контролата врз женското тело и постоење, односно врз искуството на „бидување” жена како таква, се вкоренети во општеството и културата во која живееме, па така, растени сме со милион идеи за тоа како треба да изгледаме, како треба да се чувствуваме, како треба да се однесуваме, како и колку треба да се сакаме себеси… Сум се нашла во ситуации каде што сум премногу нашминкана, не сум нашминкана па сум уморна и тажна, сум требала да се дотерам малку повеќе, или не сум адекватно облечена за активноста затоа што сум предотерана. Колку и да се работи на деколонизација на женското искуство, вклучително и внатрешениот процес на ослободување од одредени општествени норми и стеги, моето однесување, став кон шминката и облеката, па и кон прифаќањето на себе се сè уште во голема мера продукт на патријархалното општество во кое живееме и сè она што сум го учела во првата четвртина век од моето постоење. Имајќи го тоа предвид, ништо не ме опушта толку како sheet face mask, и ништо не ми дава повеќе самодоверба од црвен кармин, па така, на протест и на гласање секогаш носам MAC Ruby Woo. Дали ова ме прави помалку феминистка? Секогаш кажувам дека мојот феминизам се сведува на принципот на „agency“, односно на целосна автономија и почитување на телото и идентитетот. Најрадикалниот чин на манифестирање на феминистичката борба се наоѓа токму во автономното и автентично живеење со препознавање и борба против веќе постоечките релации на моќ во општеството. Па затоа, мислам дека борбата против живеењето и постоењето во свет кој е несомнено опресивен, хетеронормативен и патријархален може да ја водиме и со, а и без црвен кармин.

ВАРЈА

Што знам, не мислам дека тоа што сакам да изгледам на одреден начин ме дефинира или е поважно од ставот дека секоја жена треба да може да прави што сака по ова прашање. Ова важи само ако ми се прогледа низ прсти за мислењето за депилација.

ЈОВАНА

Краткиот одговор е: не. Уморна сум од таа крајно погрешна теза дека едното го исклучува другото која, патем, делува како да е поставена од група мажи, скриени зад внимателно извајан стереотип на „вистинска феминистка“, со цел да се исфорсира процеп меѓу сите различни жени на планетава кои се борат за еднакви права. Можеби најпроблематичниот во морето проблематични аспекти на оваа теорија за мене е тоа дека сакањето мода и козметика и уживањето во ритуалите на облекување и нега автоматски сугерира дека жената која ги применува го прави тоа за некој друг, наспроти за себе. Во мојата реалност, пар предобро дизајнирани штикли од 12 сантиметри не само што ми пружаат неописиво задоволство, туку и уште појасен поглед од високо на нискоста и уназаденоста на патријархатот.

Q

Дали сме осетиле притисок да исполниме одредени стандарди за да бидеме „убави“ и сексуално привлечни? Ако да, кои, зошто и кога?

КАЛИА

Имам чувство како моите формативни години и првите љубовни/сексуални искуства да се базираа на исполнување, усреќување и барање валидација од машкиот поглед. Не мора да одиме подалеку од фактот дека многу девојки (меѓу кои порано бев и јас) не би ни помислиле да имаат секс доколку не се свежо издепилирани. Да го вреднуваш твоето имање или немање влакна од повисока важност отколку твоето сексуално задоволство доволно зборува за нивото на телесна цензура со која ние жените се бориме. Свесна сум дека многу девојки во моментов помислуваат „ок, али јас тоа го правам за себе, така се чувствувам посекси“, и тоа секако држи вода, но е климав терен. Границата помеѓу тоа што правиме за себе, а што за да задоволиме некои стандарди е тенка, па речиси е невозможно да знаеш точно зошто правиш одредена одлука. Од друга страна, доколку скршнеме од овие правила, одлуките се дочекуваат како покана за објаснување и оправдување, а можеби воопшто не ни е до тоа. За жал, пречесто сме ставени во позиција да правдаме одредени одлуки кои не треба да засегаат никој освен нас: „Се ишишав кратко бидејќи; Носам танга бидејќи; Ослабена сум/здебелна сум бидејќи;“ and the list goes on. Една посветла перспектива е фактот дека порано поп-културата, кампањите за убавина и медиумите недвосмислено праќаа порака дека една од нашите многу обврски е токму да бидеме убави и секси за „нашите мажи“. Сега тој наратив е дефинитивно променет – сега треба да бидеме убави и секси за себе. Меѓутоа, стандардите за убавина се еднакво превалентни, ако не и засилени и притискаат кон одреден изглед, кон одредени пози за сликање и секако, кон правење споредби со други девојки. Тука би рекла дека феминизмот доаѓа како добра алатка за борба, себеприфаќање и (обид за) скршнување од овие предодредени улоги, како и редефинирање на стандарди и модели на „среќно постоење“.

ЕНА

Да! Мислам дека секоја особа (особено секоја девојка) го почувствувала и го чувствува ова секојдневно. Од најмала возраст ни се наметнати одредени стандарди за тоа како треба да изгледаме, кој број треба да го гледаме на вагата, кои продукти треба да ги користиме, кога треба да се сакаме, а кога да не сме си баш омилени и дадени ни се точни параметри за тоа кога заслужуваме внимание, љубов и грижа од општеството, па и од самите себеси. Растени сме со критики од дома, од телевизија, од магазини, од учителите, наставниците и професорите, од симатиите и пријателите, па така, процесот, не само на себеприфаќање, туку и на себезапознавање е отежнат. Да се прифатиме себеси онакви какви што сме и да се сакаме себеси во општество кое секојдневно работи кон и капитализира од нашите несигурности и неприфаќање е радикален акт! Не само тоа, туку е процес кој е долг, трае и е без завршна цел. Според мое искуство, нема да се разбудиме еден ден и да кажеме: „Супер, од денес се сакам себеси!“ Но, она што мораме да почнеме да го правиме е да поминуваме време сами со себеси, да почнеме да го запознаваме секој дел од нашето физичко и емотивно постоење, да ги препознаеме ситуациите кои довеле до нашата моментална состојба и нашите чувства кон себеси и да почнеме да се прифаќаме. Да бидеме нежни кон себе, да работиме на подобрувања таму каде што има простор, да бидеме конструктивни во критиките и да сфатиме дека процесот на промена е долгорочен. Па така, дали секој ден се будам со нагон да се измерам на вага и да видам дали сум каде што „треба“ да бидам? Да. Но свесна сум дека тоа, како и бројката на вагата не ме дефинираат и дека никогаш нема да бидам таму „каде што треба“ во очите на другите.

ВАРЈА

Жените јадат beauty притисок за појадок (и пауза). Од мали зафати како пеглање коса до одење под нож за естетски цели, листата на начини на кои сме спремни да си интервенираме за да бидеме добри за таму некој стандард е предолга. И што е најстрашно, во премногу ситуации во животот испаѓа дека вреди. Не сум имуна, но во принцип, ме интересира само одобрување од огледало. Знам да прснам парфем за по дома и сум знаела да отидам на прв состанок со дечко без шминка. Не знам дали до толку добро ме има „обработено“ оваа „машинерија“, па мислам дека сè што правам – правам за себе, но одамна не сум почувствувала притисок дека нешто баш морам или треба иако не сакам.

ЈОВАНА

Толку многу сме условени да бидеме „убави“ и толку многу вредност ѝ се дава на таа „убавина“ што, дури и да нѐ вратат на „фабрички подесувања“, пак ќе нѐ прогонува тој притисок. Цел живот ни се сервира сценариото дека што сме поубави и повитки, толку повеќе ќе бидеме вреднувани во животот. Ако трепкаме со вештачките трепки, се играме со исфенираните коси и се смешкаме прчејќи ги усните полни филери, ќе ни се прогледува низ прсти, ќе имаме подобри оценки, ќе нѐ пуштаат преку ред, ќе имаме совршена врска и дом, ќе напредуваме во работата, ќе раѓаме уште поубави деца… листата продолжува. Периодов, откако социјалниот живот ми е сведен на минимум, сфаќам колку е силно врежан овој притисок во мене. Седам сама во четири ѕидови и се чувствувам непривлечно затоа што сум „несредена“. Од друга страна, пак, бидејќи се занимавам со фотографија и стилизирање, самата сум дел од проблемот. Моите професии подразбираат „манипулација“ на нечие физичко присуство, со пронаоѓање „добри“ агли, обработка на фотографии и користење „ласкави“ парчиња облека. Свесна сум за сѐ и пак сум дел од тој опасен циклус.

Q

Дали сме осетиле осуда врз база на нашиот физички изглед? Дали можеби сме се фатиле себеси како го правиме истото? Дали сме осудувале луѓе кои можеби не исполниле некој „стандард“ за нега или убавина, на пример, се појавиле во град со подраснат корен, неиздепилирани, или без трошка шминка?

КАЛИА

Дефинитивно (сум ја почувствувала и сум ја правела). Всушност, растењето и постанувањето маж или жена, во голема мера се базира на таков вид трауматични (дисциплински) моменти кои те насочуваат кон општествено прифатливата улога која треба да заземеш. Теоретичарката Сара Ахмед овој процес го нарекува girling или selfgirling, зависи, кога активно се трудиме да се вклопиме во калапот на родот на кој припаѓаме, а се врши преку фрази од типот „срамота е/така ли прават/зборат/изгледаат девојчињата…“, па мислам дека затоа ни е тешко да излеземе од тој систем на опсесивно осудување на туѓиот и сопствениот изглед. Дополнително, би обрнала и внимание на терминот „грижа“ или „нега“ во овој контекст. Имам забележано како овие зборови често се користат кон посочување на одредени пракси како редовно одење депилација, педикир/маникир, фризер, козметичар, итн. Доколку термините нега и грижа директно ги поврзуваме со ваков тип на активности, ние веќе ја ограничуваме можноста за нега на одредена класа жени кои можат да си го дозволат тоа, а плус ги запоставуваме посубверзивните значења на сличните концепти на грижа за себе за кои пишувале многу феминистички теоретичарки. Политичките концепти за грижа за себе се длабоко поврзани со концептот на самоодржување (self-preservation) како политички стратегии. Грижата и негата за себе од ваква перспектива (која е инхерентно поврзана и со грижата за заедницата) со себе носи покомплексен потенцијал за наше омоќување и зајакнување. Па така, доколку почнеме негата да ја гледаме од оваа перспектива, идејата за жена која е негувана и се грижи за себе, дијаметрално ќе се промени.

ЕНА

Каци веќе делумно го опфати она што имам да го кажам по прашањето, а и ни даде теоретска рамка за дискусија, па така, сакам да се надоврзам за важноста на грижата за себе. Настрана од онаа грижа која е наметната во форма на одење на фризер и депилација, како и капиталистичкиот концепт на self-care кој вклучува скапи маски за лице и мирисни свеќи, грижата за себе мора да се сведе нашето секојдневно одбивање да ја прифатиме и интернализираме осудата од општеството. Па така, додека ни е секојдневие да чувствуваме осуда врз база на нашиот физички изглед, и без сомнение сме осудиле некого за истото, ослободувањето од овие концепти и норми и одучување на сè што сме научени во поглед на тоа како треба да се третираме себеси и другиот, се клучните концепти на грижa кои треба да се дискутираат и практикуваат.

ВАРЈА

Ммм да, осудувам и сум осудувана. Сите сме слично „наштимани“. I feel you, Јована, имам слична реакција на естетски корекции кои изгледаат како работите да излегле од контрола. Ставот за депилирање на одредени делови на телото ми е исто толку себичен колку што ми тежи фактот дека за некои девојки ова е ужасно напорна битка. И додека го пишувам одговорот на ова прашање, внатрешнава Кери Бредшо „can’t help but wonder…“ Како против сијаличката што се пали само кога нешто од икс причини до толку не му годи на окото?

ЈОВАНА

Да, сум била и ќе бидам осудувана подеднакво многу и од себеси и од другите. Да, сум го правела истото и не сум горда на тоа што уште го правам. Постојано го анализирам изворот на тој нагон кој се вклучува автоматски тогаш кога нешто ќе го повлече чкрапалото. Иако око не ми трепнува за горенаведените неисполнети „стандарди“, кожата сѐ уште знае да ми се наежи од слоеви пренападна шминка, како и козметички процедури кои ги преувеличуваат т.н. „женствени“ црти.

Q

Вклучувањето на секакви типови на тела во модата е супер, но дали сме помислиле некогаш дека претерано дебелите тела промовираат нездраво живеење на ист начин како што претерано слабите тела го прават истото?

КАЛИА

Па не, и мислам дека тој наратив е еден од многуте начини за одново стигматизирање на дебелите тела, само во политички коректна варијанта. Денешното инсистирање на здраво живеење ми е доста проблематично (со сиот ризик на оваа изјава). Сметам дека сме способни да бидеме одговорни за сопствените тела, а опсесивното здраво живеење не треба да се наметнува како најпожелен стил на живот.

ЕНА

Не, не и не. Најпрво, отсекогаш постоела одредена одбивност на индустријата, а и на општеството да ги прифати „покрупните“, „поголемите“ или „подебелите“, па макар и „стандардните“ тела како тела кои се убави и вредни за достоинствено постоење. Со издигнувањето на социјалните медиуми и нивната своевремена „демократизација“ на тоа што ќе биде вирално прикажано и тоа кој ќе има доволно следбеници за да биде релевантен во модната индустрија (а со тоа и во општествените кругови), истите тие кои со децении ги исклучуваа ваквите тела, го променија наративот, па така сега се загрижени за здравјето и животниот стил на „поголемите“ девојки. Ваквите наративи се штетни и погрешни, прво затоа што се неосновани и публиката нема никакво познавање за здравствениот профил на жените кои ги осудува, а понатаму затоа што здравјето, како и изгледот на одредена личност, не се наши за дискутирање и/или одобрување. Вклучувањето на секакви тела во модата не е за промоција на било каков начин на живеење (се надевам, имајќи ја предвид историската едноличност на девојките кои ја преставуваа индустријата), туку репрезентативност на широкиот спектрум на девојки, тела и искуства кои живеат, носат облека и уживаат во продуктите на таа индустрија.

ВАРЈА

Повеќе би рекла дека не баш здрав начин на живеење се одобрува отколку што се промовира. Телата со големина од неколку X пред Large се спротивната крајност на преслабите тела кои исто така ги има околу нас, а против чие присуство во модата се води борба затоа што не се „за пример“. Стварно сум со резерва затоа што никако не можам да одредам до каде ваквото тело кажува дека овие тела се нормално секојдневие како и сите други без да сигнализира дека одредени нездрави навики се океј или да укажува на некој здравствен проблем. Доколку модата се сведуваше само на носење облека, секако, сите тела носат облека и треба да бидат претставувани, но е индустрија чие одобрување и „амин“ и тоа како влијаат на многу побитни одлуки, без разлика дали тоа ни се допаѓа или не. Не викам дека некој сега ќе земе да се здебели по пример на XXXL тело видено во кампања, но ако е веќе со прекумерна тежина заради нездрава исхрана, а оваа кампања му потврдува дека е тоа во ред затоа што, нели, модна кампања е big deal :), не мислам дека му прави добра услуга. Ова е генерализирање и знам дека дел не изгледаат така по свој избор, но останувам на тоа дека со ова прашање токму во оваа индустрија треба повнимателно.

ЈОВАНА

Двете крајности во изгледот на телата сугерираат практикување на неумерени животни стилови. Да, модата поставува нереални стандарди за физичкиот изглед, но тука свој удел имаат и други дисциплини, како на пример сумо борењето или балетот. Разликата е во тоа што поретки се тие кои се одлучуваат да си го посветат животот на овие професии, но сите се облекуваме на дневна база. Тука се јавува и другата погрешна претстава, а тоа е дека облекувањето е мода. Не е, и покрај тоа што облеката е основата на оваа индустрија. Морам да го кажам и тоа што никој не сака да го слушне: модата тежнее и ќе тежнее кон нереални стандарди и кога границите на тие стандарди се поместуваат, затоа што е надмена и селективна. Дури и сега, кога сѐ повеќе инкорпорира секакви тела, повторно е наклонета кон најпривлечните, најпосебните, најфотогеничните, итн. меѓу нив. Иако се согласувам со тебе, Ена, дека отсекогаш постоела одбивност во модата кон тела кои не се вклопуваат во одреден шаблон, не би рекла дека различните тела не биле застапени на други места. Уметноста е клучна естетска дисциплина која ги има славено т.н. „покрупни“ тела. Тука доаѓа на ред и финалниот аргумент, а тоа се секако парите. Модата профитира на нашите несигурности и копнежи. На крајот на денот, начинот на кој секоја жена се доживува себеси е многу субјективен. Не е дека сега, откако гледаме различни фигури во модата, сите преку ноќ ќе почнеме да си ги сакаме нашите тела, какви и да се.

Q

Колку мислиме дека инклузивноста е тренд во модната и козметичката индустрија, а колку навистина постои? Како влијае истата на нашите потрошувачки навики и нашата одлука да купиме или да не купиме нешто од одреден бренд?

КАЛИА

Прашањето за инклузивноста не може да биде прашање за тоа кое е лицето на кампања, без тоа како другите лица се третирани. Дополнително, инклузивни или не, сите брендови на крајот на денот имаат една цел – да генерираат профит од нас потрошувачите, а сега со таргетираниот маркетинг тоа е ужасно лесно. Бидејќи не сакам да го сведам своето постоење на потрошувачко искуство и бидејќи не сум доволно финансиски моќна за да купувам од брендови кои целосно ги застапуваат моите вредности (баш оние кои ме таргетираат на Инстаграм со сите фрази кои знаат дека сакам да ги слушнам), се трудам купувањето да го сведам на мининум или да купувам од локални брендови. Колку повеќе знам за модната индустрија, начинот на производство и (не)справување со моден отпад, толку повеќе сакам да избегам од тоа, и баш тука го гледам огромното богатство кое го носат малите локални брендови и second-hand продавниците, кои иако можеби не се занимаваат со прашањето на инклузивност, со самото тоа што работат на еден пазар кој ги наградува само најсилните и најголемите, веќе прават промена.

ЕНА

Хмм, интересно. Ако ја гледаме индустријата како независен систем, тогаш би кажала дека е повеќе тренд отколку што постои. Но, гледајќи историски во поглед на овие индустрии, она што е наметнато како тренд од истите, се прелива во одредена реалност кај потрошувачот. Па така, за пофалба е инклузивноста во поглед на кампањите затоа што им дава на потрошувачите и на јавноста одредена репрезентација на групи кои се традиционално отфрлени, маргинализирани и осудени врз база на својот физички изглед како девијантни од стандардот на убавина, но она што е многу важно е да продолжиме да се бориме и да лобираме за репрезентативност и инклузивност во самата структура на индустријата за да се дојде до вистински промени. Сакам да кажам дека, на пример, супер е ако компанија користи различни жени и родови и сексуални малцинства во своите кампањи, но она што ќе донесе до суштинска промена е истата таа инклузивност и диверзитет да бидат отсликани и во носечки позиции во компанијата, затоа што само така тие жени ќе можат да ги преточат своите искуства во реалноста на компанијата, индустријата, а со тоа и во општеството.

ВАРЈА

Апсолутно е тренд, но се надевам дека е тука за да остане и да си постои. Се идентификувам со S тела и мноооогу брендови ми го овозможуваат тоа, ама далеку од тоа дека мислам дека до тука е доволно. Дали денес сѐ уште купувам од брендови што не се инклузивни за големини или боја на кожа различни од мојата? Дебела лага би било ако кажам „не“. Со инклузивноста како критериум, сѐ додека јас на некој начин се поврзувам – купувам. Има други однесувања на брендовите што се поголем фактор за да ги казнам со некупување колку и да сакам да го имам производот. Винтиџ Levi’s стана единствената опција кога дознав пред некоја година во која мера загадуваат во Мексико, а и генерално многу попаметно и поретко купувам од брендовите за брза мода кога станав посвесна за целиот проблем со екологија.

ЈОВАНА

Е тренд, но од оние добрите, затоа што крајната цел е позитивна. Искрено се надевам дека ќе дојдеме до точка кога ова ќе стане толку многу нормално, што нема ни да се сеќаваме на периодот кога работите не стоеле така. Кога ќе дојде тоа време, може и ќе бидам доволно привилегирана за да ги поддржувам само оние модни куќи кои целосно ги застапуваат сите мои вредности. До тогаш, можам само да не ги поддржувам компаниите кои штанцаат потпросечна облека која ја уништува околината, притоа не покажувајќи основна грижа за што било друго освен за правење пари од неуките купувачи.

Q

Дали постои кампања за бренд, или општо бренд кој ни направил да се чувствуваме подобро за нашите тела, коси или црти на лице?

КАЛИА

Хм, не сум сигурна, но пред неколку години го купив парфемот „Pop“ на Стела Мекартни само бидејќи многу ми се допаѓаше избор на девојки во рекламата. 🙂

ЕНА

Не знам дали има кампања или бренд кој направил да се чувствувам подобро за самата себеси, ама можам да посочам неколку кои ги сметам за пионерски во поглед на инклузивност и поместување на границите кои долго беа поставени во индустријата, како CoverGirl со Џејмс Чарлс, или Fenty Beauty со најголемиот опсег на нијанси за прва линија на пудри и слично. Во секој случај, се работи за големи компании кои не би можела да ги пофалам без да се направи екстензивно истражување во колку тоа е отсликано во културата на компанијата, а мојата претпоставка е дека зад секоја компанија ќе најдеме нешто проблематично. Капитализирање на несигурностите и различностите е проблематично само по себе како што дискутиравме погоре, па затоа и не можам свесно да навлезам во давање praise and credit where it is not due. Имено, индустријата, како што е поставена моментално, угнетува и не е за фалење по ниеден параметар, па затоа ниедна кампања со вклученост не може да компензира за штетата која секојдневно се наметнува од сегашната структура.

ВАРЈА

Низ архивава во глава не можам да најдам кампања или бренд кој би бил „тоа е тоа“ одговор, па ќе се надоврзам со модни списанија. „Homme Girls“ ми е супер затоа што ги слави традиционално машките парчиња во женското облекување, а таа естетика ми е блиска. Неслучајно, низ страниците и нивниот дигитален простор претежно гледам тела со неизразени облини, како и лица без шминка и лежерно (не)средени коси.

ЈОВАНА

Ќе издвојам неколку од последно време. Убави ми се фотките на Jacquemus од неговата баба, затоа што ми зборуваат за тоа дека убавите парчиња облека не се резервирани само за млади луѓе. Ми доаѓа фино кога ќе ги видам стриите на Мика во кампањата за Bottega Veneta затоа што и моите ми стануваат посимпатични. Ги почитувам новите кампањи со супермоделите од 1990-тите, затоа што ги рушат бариерите за старосна дискриминација во модата. Блиски ми се и магазини како „Unconditional” или „Homme Girls”, кој го спомна и Варја, затоа што вклучуваат содржини кои сосема се вклопуваат во мојата естетика и ми создаваат чувство на припаѓање.

Q

Мислење за “WE SHOULD ALL BE FEMINISTS” изјавата на Чимаманда Нгози Адичи ставена на маичка на DIOR и продавана за $800? Што е со слични такви парчиња облека кои го комерцијализираат феминизмот? Дали би ги носеле?

КАЛИА

Nope. 🙂 Комерцијализацијата на феминизмот е очекувана појава (всушност и во 70-тите феминизмот бил доста мејнстрим) и тоа не е трагично само по себе. Што значи комерцијализација, веројатно треба да се одговори тоа прашање. Ако значи продавање на маички со слогани и генерирање профит, тоа не прави никаква услуга на феминизмот (ниту како поим, ниту како движење). Но доколку комерцијализација значи популаризирање на феминистички вредности, подобрување на работни услови, борба против родово-базирано насилство во сите сфери и слично, не знам зошто тоа би било проблем. Всушност, проблемот со дискусијата за комерцијализацијата на феминизмот е што се оддава впечаток дека феминизмот е толку распространет, толку чест, толку е насекаде, што е веќе passè. Ова е опасен терен, земајќи предвид дека во моментов во многу земји (меѓу кои и земји членки на ЕУ) се случува регресија на женските права, во други состојбата е статус кво и постои став дека ги имаме сите права па затоа треба да молчиме, а во трети жените се граѓани од втор ред и не постои ни соодветна легислатива која би ги заштитила. Феминизмот, за жал, е далеку од комерцијален.

ЕНА

Јас тука би се сложила со сè што кажа Калиа. Комерцијализација преку капитализирање на грб на феминистичката борба не само што не придонесува за истата, туку и оди обратно од феминистичките принципи и сè она за што феминизмот се залага. Од друга страна, далеку сме од тоа дека феминизмот е сеприсутен и прифатен од сите, па така, мораме да продолжиме со борбата не само за комерцијализација во смисла на ширење на феминистичките принципи и прифаќање на истите, туку и борбата за применување на истите во релевантните сфери кои ќе придонесат кон поеднаков и феминистички свет. Но, да, се согласувам, феминизмот е далеку од комерцијален.

ВАРЈА

Не знам, не го сфаќам овој чин нешто многу сериозно. Ставот е популарен и океј and it sells. Не знам колку му прави услуга на феминизмот, но не гледам ни како му штети. Одлуката обична маичка со натпис да се продава за $800 за мене е подискутабилна од одлуката да се комерцијализира оваа изјава. Патем, ми текна на оваа маичка на Marika Vera која не би ја носела токму поради натписот. Немам потреба да се декларирам како „женствена“ или „неженствена“ и уште помалку имам потреба тоа да ми го пишува на чело, т.е. на гради. Замисли ја облечеш по грешка на ден кога не изгледаш баш „женствено“. 🙂 Во денешно време, што тоа точно значи?

ЈОВАНА

Никако. Ако целосна рамноправност се постигнуваше со натписи на преценети маички, немаше да го правиме муабетот сѐ уште. Идеалното сценарио со конкретнава на DIOR е дека целиот профит оди кон релевантни организации. Кога тоа би било случајот и кога би била имала вишок $800, би ја купила само од таа причина, а потоа би ја сместила уредно во плакарот и не би ја облекла никогаш. За жал, тоа не е реалното сценарио. Иако естетиката на Мариа Грациа не ми е блиска и маичкава не ја одобрувам, блиски ми се другите нејзини феминистички дострели, како масивната платформа што им ја дава на современите жени уметници, „Dior Talks“ поткастот и најсвежо, #DiorStandsWithWomen кампањата.

Q

Постојат брендови кои се инклузивни и постојат брендови кои воопшто не се, а тврдат дека се, истовремено продавајќи L парчиња преку S или XS манекенки. Што мислиме за тоа? Дали естетиката на конкретен бренд може да биде изговор за недостаток на инклузивност? Дали се чувствуваме удобно да купуваме од брендови кои работат на принцип „наш бренд, наша визија, наш избор“ дури и ако изгледот на нашето тело не се поклопува целосно со таа визија?

КАЛИА

Се забележува кога инклузивноста е тотално вештачка и се прави само за diversity points (на пример како што беше случајот сo Victoria’s Secret, кога сто пати си го сменија јавниот став за овие прашања и цената беше загуба на широката доверба и наклонетост која ја имаа од својата публика). Цензурата и целосното исклучување на различните типови на тела и лица од презентацијата на брендовите што порано беше најнормална работа, директно водат кон предрасуди и стереотипи кои сè уште постојат, па така, мислењето дека на дебелите девојки не им стојат „секси“, кратки и/или тесни парчиња е многу превалентно. Нормално е да сакаш да се видиш и препознаеш себеси во светот; во филмовите и сериите кои ги гледаш, во музиката која ја слушаш, книгите кои ги читаш, па и брендовите кои ги купуваш. Со сите информации со кои располагам денес, не можам сериозно да сфатам бренд кој мисли дека сум достојна особа ако градите, стомакот и колковите ми се одредена бројка.

ЕНА

Препроблематично. Не разбирам како естетиката може да биде еден тип на тело и тоа да биде прифатено или пак да го поддржам преку купување на нивни продукти. Не мора секој продукт да биде прикажан во опсег од XXS до XXL, но доколку се вмешува естетика и визија… Во 2020 да тврдиш дека естетиката ти е таа, и е фиксна, и не планираш да бидеш репрезентативен за било што друго, тогаш зошто продаваш „неестетски“, поголеми парчиња? Во принцип моите пари не би отишле кај тој бренд.

ВАРЈА

Па не е естетика доволно добар изговор за неинклузивност. Ако можеше Versace на последнава ревија, можат сите други. Мора да може подобро од тоа идентитетот и визијата на брендот да се сведуваат на тип на тело. Од друга страна, кампања на YSL и Maison Margiela мислам дека можам да препознаам од небо заради слабите модели, меѓу другото, и тоа конкретен тип на слаби модели кај двете куќи. Се согласувам со Јована – селективност, селективност, селективност и никој не е поштеден. Очигледно може да биде изговор во смисла дека некаде сѐ уште функционира, но не треба, едноставно не е доволно добро.

ЈОВАНА

Не може да биде изговор, но пак ќе се навратам на фактот дека модните куќи се крајно селективни, дури и тогаш кога ги штиклираат квадратчињата за диверзитет. Не велам дека тоа е во ред, но колку и да ни пречи, стои како факт. Џил, манекенката што ја посочи Варја, е објективно прекрасна. Сакам да сум грешка, ама навистина не верувам дека сите девојки кои го делат нејзиниот тип на тело или боја на кожа, сега откако ќе ја видат на писта, магично ќе прекинат да си ги критикуваат физичките изгледи. Ќе го посочам и моментот дека модните куќи многу повеќе профитираат на модни додатоци кои не се врзани со бројот на килограми. Постои и практична причина зошто облеката која се појавува на модните недели е со една големина, но тоа е уште една долга дискусија. Ќе напоменам и дека најголемиот дел од колекциите на ревиите воопшто не завршуваат во продавниците. Мора да се работи на едукација за тоа дека модата од пистите и едиторијалите е фантазија која нема допир со реалното живеење. За мене е далеку попроблематично тоа што брендови како Zara или Mango ставаат етикети со величина S на парчиња кои се M, за да ни направат да се чувствуваме „послабо“.