WWWИСОКА МОДА

Гламур. Луксуз. Звучни имиња. Заслепувачки светла (фала, U2). Изобилие на естетски уживања. Незаборавни забави. Искуства кои се случуваат еднаш во животот. Crème de la crème први редови. Екстравагантен шопинг со седум-цифрени трансакции.

Вака изгледаше неделата на високата мода во Париз сѐ до јули 2020-тата.

Во новата реалност, гламурот стана е-гламур, заслепувачките светла доаѓаат од нашите екрани, сите седиме во први редови на троседи, а незаборавните забави полека, но сигурно одат во заборав.

Нема сомневање дека колекциите на висока мода, односно модниот кавијар кој ни го сервираат луксузните куќи, се од огромна важност, не само за нивните клиенти и за модните ентузијасти кои визуелно се хранат со деликатесите на дизајнерската имагинација, туку и за економијата, преку обезбедените илјадници работни места и поддржувањето на ретки занаети.

Високата мода е кулминација на модата како уметност, не само во изразот, туку и во вредноста. Монетарно, овие колекции се сочинети од најскапите парчиња облека на планетава. Културно и уметнички, овие колекции бараат највисок степен на талент, умешност и време инвестирано во деликатна рачна изработка. Ревиите, пак, на кои се прикажува финалниот продукт, носат возвишена комбинација од мода, музика и визуелни ефекти, па како искуства се исто толку возбудливи колку и исклучителните парчиња.

Овој пат, тие искуства ги нема. Или сепак ги има?

Класичната haute couture модна недела годинава не постои. Но, за обичните луѓе од места на крајот на светот, како нас, не постоеше ни претходно. Сите haute couture ревии кои сме ги следеле до сега, за нас биле дигитални. Разликата е во тоа што, годинава, истите беа дигитални и за сите најважни модни играчи. Тие играчи можеби ќе ги критикуваат, но наш впечаток е дека воопшто не разочараа. Да, презентациите беа сосема различни и листата на дизајнери беше скратена, но се створи простор за нов тип на креативност. Поради тоа, историската важност на оваа модна недела е неприкосновена.

Со сето тоа на ум, издвојуваме пет моменти од колекциите на висока мода за есен 2020 кои ни фатија око и нѐ внесоа во поинаков свет на модна фантазија.

ИЛУСТРАЦИИТЕ НА SCHIAPARELLI

В

Порано Schiaparelli беше од оние куќи што знаев да ги прескокнам кога разгледувам колекции, така што сосема го испуштив моментот во 2019 година кога Даниел Роузбери дошол на чело и ја превртел наопаку. Оваа couture колекција е свежа и полна со нова женственост и сексапил без притоа да се изгуби надреалната суштина на брендот. Самата одлука да ја претстави со илустрации наместо едиторијал е генијална и донесена во вистински момент со оглед на тоа дека живуркаме во едно време кога ни треба креативна стимулација пуштена на најјако. Не можам да одолеам на претераниот волумен кој контрира на строго скроени линии во еден изглед или на голотија во едно парче, ниту пак на тоа како Даниел облекува во накит. И тоа ова се само цртежи. Колку ли добро ќе изгледаат овие bijoux opera ракавици во вистински живот?

Ј

Ах, Даниел и Schiaparelli, моден пар од надреалните соништа. Нереално добра е оваа негова имагинарна колекција. Во духот на надреалистите, колекцијата не е колекција, туку збирка од цртежи кои го „скицираат“ творечкиот процес и прикажуваат исклучителни идеи за парчиња облека. Изработени во текот на неколку часа на клупа во парк во Њујорк, во екот на пандемијата, овие идеи за висока мода технички не ги задоволуваат прописите на Француската федерација за висока мода, но креативно ги надминуваат сите пишани и непишани правила. Да, високата мода бара врвен степен на вештина и часови и часови посветени на изработка, но ништо од тоа нема поента без основната, генијална замисла. А во овие илустрации, замисли има на претек. Не можеш да не ги сакаш парчињата облека кои го пресликуваат изгледот на песови, вклучувајќи го шар-пеј фустанот и комплетот од крзно позајмено од комондор. Не можеш да не ги обожаваш палтата закопчани со катанци, практичните ленти за мерење на екстравагантни кошули и фустани, фармерките наопаку дополнети со пренакитени ракавици, или пак косите кои обвиткуваат орли и високи салонки. Не можеш да ѝ одолееш на сукњата која виси на синџир и ги открива колковите. На крај, дефинитивно не можеш да не се опседнеш со контрадикторните голи парчиња, масивните ракави и целиот тој фантастичен волумен присутен низ колекцијата.

ДИГИТАЛНИТЕ МЕЧТИ НА VALENTINO

В

Ако еден ден ме проголта црна дупка, се надевам дека тоа ќе биде оваа на Valentino Couture есен 2020. Визуелната приказна која беше раскажана со пренос во живо од Рим е единаесет-минутен сон што се одвива во темница, а претскажува една толку светла дигитална иднина. Визијата на Пичиоли за бегство во некој паралелен фантастичен универзум се состои од кукли со нереални пропорции и модели на трапез кои лебдат во high-tech романтичен контекст alla Valentino и е задолжителна естетска терапија. Јас ја доживеав како тотално разгалување на сетилата за вид и слух, па по потреба ѝ се навраќам.

Ј

Кога во најцрното сценарио ќе се појави ваква заслепувачка убавина која ќе те пренесе од деветтиот круг на пеколот директно на седмо небо, не знаеш дали да плачеш од среќа што уште постои ваква имагинација во модата, или да врескаш од тага што истата е произлезена од катастрофалната реалност. Ова беше посилно од мене. Морав да бидам исто толку театрална колку и спектаклов на Valentino. Ако ова шоу се земе како пример за тоа како може да изгледа една дигитална презентација, тогаш останатите куќи имаат прилично многу работа за да го достигнат овој стандард. Секвенците од модели облечени во преувеличени бели и сребрени силуети кои се вртат во кругови и се нишаат низ длабоката црна празнина ќе ме прогонуваат уште долго време. Проекциите врз фустаните додаваат спиритуалност во веќе надреалните пропорции, а glitch-моментите не делуваат како грешки, туку само го засилуваат совршенството на ова визуелно искуство. И, бидејќи тоа не беше доволно, мораше да се слуша и самовилскиот глас на FKA Twigs, кој навистина ме докрајчи. Знаев дека можам да очекувам многу од тим составен од Пјерпаоло Пичиоли и Ник Најт, но ова беше премногу, на најдобриот можен начин.

„ВИСОКОТО“ СЕКОЈДНЕВИЕ НА ALEXANDRE VAUTHIER

В

Секоја чест за ова 3 во 1 кое одлично функционира и покрај силните контрасти. Едноставната париско-женствена жичка со доза на ретро шмек во фотографиите на Карим Садли ми е мелем за очи; најверојатно затоа што сепак се работи за Vauthier. Едиторијалот општо ми е неопходно потсетување дека сепак сме тука, дома, во двор, во кујна, во ходник, до прозор, во ќош, евентуално на некоја блиска плажа, но со никој околу нас, и ќе биде сѐ во ред (фала, Каролина). И тоа како смееме и треба да сонуваме за забави, раскошни материјали и парчиња, смели бои, пердуви и по некоја драматична мрежа преку очи.

Ј

Има неколку клучни моменти кои многу ми се допаѓаат во оваа haute couture колекција на Vauthier. Прв е моментот дека едиторијалот е фотографиран од повеќе фотографи: Карим Садли во Париз и дуото Инез и Винуд во Хемптонс, Њујорк. Има и кратко, но слатко видео, снимено од Алберт Моја. Тоа се веќе три различни погледи на една иста колекција. Сите три се предобри и притоа ја задржуваат препознатливата естетика на непретенциозен гламур кој е типичен за куќата. Втор е моментот дека, иако се чини како светот да завршува, Vauthier жената продолжува да живее и тоа во најраскошните парчиња од нејзината гардероба. Си замислувам како во позадина свират R.E.M. и нивната „It’s the end of the world as we know it and I feel fine”. Трет и последен е моментот дека оваа колекција, со сите нејзини екстравагантни детали, ми отвора желба за дотерување и покрај тоа што едвај мрдам од дома. Силуетите од 1980-тите, пердувите и електричните бои ми носат оптимизам и ме потсеќаат зошто толку многу ја сакам модата. Фала Vauthier што ја шириш идејата дека не е сѐ така црно и дека златните времиња допрва доаѓаат.

S.W.A.L.K. ФИЛМОТ НА MAISON MARGIELA

В

Документарецов е сѐ што му треба на едно љубопитно модно junkie по дефиниција – увид во инспирацијата, текот на создавање, комуникацијата, детали од зад сцената и многу контекст за колекцијата што се презентира. Има вкус на Maison Margiela, единствена по својата естетика која за мене секогаш е малку мистериозна, недоразбрана, на моменти непријатна, па оттаму и далечна. Но од друга страна, практично си на видео повик со Галијано и компанија, така што филмот некако те вшмукува и целиот процес ти е близок. Згора на тоа, невозможно е да се остане рамнодушен додека Галијано те води низ фасцинантното творење на моден генијалец како што е самиот, инспириран од негови конкретни историски референци кои лесно си го наоѓаат патот до Margiela. На крај, почестува со дигитална рендген халуцинација во која танцуваат нимфи и скулптури обвиени со вел. Патем, и овде Ник Најт има вмешано прсти, па како и во комбинацијата со Пичиоли, резултатот е предобар. Од вакви јаки модни коктели секогаш боли глава; овие две соработки ми се апсолутно омилени моменти сезонава.

Ј

Ник Најт се изнаработе сезонава, хаха! Каква привилегија е да се гледа негов филм за Maison Margiela колекција на висока мода кој директно го отсликува креативниот процес на генијалниот Галијано! Целото искуство е воајерско и малку перверзно, што го прави уште толку повозбудливо за гледање. Комбинирајќи видео повици, снимки од безбедносни камери, записи од екрани од мејлови и СМС пораки, снимки од термални камери, снимки од GoPro-а поставени на визири на луѓе од Margiela тимот додека драпираат ткаенини на т.н. музи, кои исто така носат камери, снимки од камери на кучиња, и што уште не, ова видео треба да биде задолжителна содржина за сите кои се занимаваат со мода. Но, тоа не е сѐ! Документарниот дел од филмот е возвишен со артистички филмови од музи облечени во „мокрите“ парчиња, чии бои се свртени наопаку, создавајќи ефект на модни рендген снимки. Сон! Секако, морам да го споменам и мојот омилен дел, моментот кога Галијано вика на цел глас: „You know, for fuck’s sake, there’s no nightlife, guys! What are we gonna do?! There’s no more nightlife. So, let’s have a Zoom party!“ и почнува да свири Fade To Grey од Visage. Ако ова не ве убеди да го пуштите филмот, тогаш барем пуштете го за пунџите, венчињата и целокупните изгледи на Џони Џи низ видеото кои дефинитивно се приказна за себе.

КРСТАРЕЊЕТО НА BALMAIN

В

Рустенг ја претвори Сена во модна писта за да ѝ даде достоен отчет на француската haute couture традиција и на 75-годишното постоење на Balmain и тоа, симболично, пред обична широка публика. Парчињата од стари колекции се потсетник за големината на куќата, а Рустенг до сега одлично се носи со таа тежина на раменици. Од перформансот искреше ведрина и шик француски гламур; да бев французинка можеби ќе пуштев некоја солза од гордост, хаха. Единствената мисла која ми се врти во глава и малку ми го расипува впечатокот е тоа што да собереш тим од модели и изведувачи на бротче и огромна публика покрај река е малку непромислено во време кога физичкото растојание е клучна заштитна мерка.

J

Искрено се надевам дека целиот тим бил тестиран пред да биде качен на модниот брод. Но, како и да е, искуствово кое Оливие и тимот на Balmain му го приредија на светот ми е прилично wow и во неговата физичка и дигитална форма. Пред некое време, го слушав Оливие на поткастот на Сузи Менкес и тој разговор ми отвори сосема нов поглед во неговиот свет. Неговата животна приказна остана со мене и ми создаде конекција со брендот што порано ја немав. Затоа, сега го следам секој негов нов чекор со многу повеќе внимание. Со последниов чекор, ни помалку ни повеќе, туку по вода, босоногата Balmain армија, односно екипаж, плови од минатото на француската куќа кон некоја неизвесна, но сепак гламурозна, иднина. Ако се прашувам јас, капетан на овој брод е девојката од изглед 30 заедно со таа феноменална чипка врз очите и масивните златни обетки на ушите. Сосема очекувано, фотографиите од ова високо модно крстарење се исто толку маркантни колку и самите парчиња, во голема мера и поради подот од огледала кој го рефлектира градот на светлината. Како и Пјер Балман кој ја основал оваа куќа во 1945 година во екот на катастрофите предизвикани од Втората светска војна, така и Оливие се врти кон модата во овие тешки времиња, и тоа го прави на тој негов посебен, препознатлив и прилично неверојатен начин.

ДО СЛЕДНАТА СЕЗОНА… ДИГИТАЛНА ИЛИ НЕ.